Обична трева, а дигна многу прашина на главниот плоштад

Тревникот или како што скопјани го нарекуваат – ливада, се уште е главна тема во Скопје. Сигурно непознатите донатори на тревата кои не се знае дали и скришно ја посадиле, не го сакале тоа, ама ете облакот од прашина никако да слегне. Особено откако градоначалникот Петре Шилегов, седмицава што измина, прво со снимки од дрон ја промовираше како дело на Градот, а потоа одеднаш изјави дека тревата е купена од анонимни донатори.

Дел од скопјани реагираат шегувајќи се, на тема донаторите.
-Дури и да ги тргнеме парите настрана, еве Шилегов вели не чинела ливадата 530 илјади евра, но како е можно анонимен донатор, да сади трева на градски плоштад, среде центар, на главниот град на една држава?! Демек градоначалникот нема врска со дозволување на оваа акција?! – прашува Мартин К. од Аеродром.

Друг дел пак коментираат дека не постои град во Европа, каде на среде плоштад се сади ливада со што се ограничува правото на движење на луѓето.
-Кажете ми еден град во Европа каде среде пешачка или шетачка зона на главен плоштад некој да посадил пасиште?! Нема, едноставно нема!- вели Александар М. од Кисела Вода.

Има и такви за кои потегот на Шилегов, односно на т.н. анонимен донатор е добар, ама апелираат истиот да се преслика и на местото на депониите во среде густо населени населби: како таа во близина на Волково, или пак во Маџари.

-Зошто нема анонимни донатори за депониите?, прашува Огнен.

Има и многу реакции за чинењето на целиот тој потфат околу средувањето на просторот од плоштадот до ГТЦ.

– Зарем толку мал простор што се среди чини половина милион евра? Мислам дека многу пари се дадени, а тоа не чини толку, реагира Марија.