Не треба да создаваме чудо од дете

Колумна на Владимир Величковски: 

  Постарите (бившите вработени лица), според одлуката на Светската здравствена организација се најдоа на приоритетна листа за вакцинирање. Власта се грижи да ги добијат навремено своите пензии заради „мир во куќата“. Познато е дека без пензионерите не може да опстанат семејствата на младите: тие со љубов ги чуваат и поучуваат внуците, иднината на едно општество. Тие се загрижени што децата растат со грди и агресивни клипчиња од таблетот, или кога стануваат зависници од компјутерот и денес се повеќе од усовршените мобилки. Притоа, не треба да се потцени исклучително лошо влијание на турските серии доколку државата сака да воспитува современи личности. Затапеноста и апатијата навлегла во сите пори на животот. Порано се прорекуваше „естетско општество“, денес и ние самите го одредуваме своето место на светската мапа за дигитален квалитет на животот. Токму заради тоа треба да бидеме уште повнимателни со влечење реформски потези во образованието во целина, раководени од реалните (инаку многу лоши) состојби во нашите училишта.  

Руинирањето на образованието беше насилнички спроведувано во 2010-тите години, а последиците денес се многу потешки: некомпетентниот партиски вработен каде со години ги руши сите можни вредности градени во минатото. За да го потценат УКИМ (а денес, некои од нив повикуваат на спас на УКИМ?!) во тревниците на дворот подигнаа нови повисоки згради, што уште повеќе го нагрдуваат просторот и во околината на Универзитетот. 

Не треба да создаваме чудо од дете, туку да ги следиме и развиваме нивните индивидуални способности. На Биеналето на млади уметници изложен е релјефен објект од разнобојни зашилени моливи што побудува разнобојни асоцијации, главно позитивни, поврзани со создавање цртеж во сите творечки области. Самостојно критички отворено мислење на младото за нас е се уште мислена работа. Токму партиските функционери (и во образованието) поставуваат забрани, а ветуваат лажни реформи во ослободување на творечката мисла и дело. Се најавува „ново будење“, но само на збор, од висока функција. Се уште не се родил некој како Расел или Сартр итн. 

Еден „бивш доктор“ мошне уверливо ја претстави исклучитлено лошата состојба во здравството, но тоа важи и за другите државни институции. Друг „бивш професор“ направи мал перформанс: тој решил до еден букинист да продава свои книги, уште една мошне лоша слика за образованието. 

Ѕид од густо поставени објекти го затвора погледот на минималистичкиот Дом на АРМ, во кој порано се одвиваше разновиден културен живот. Станува збор за „барокна“ сендвичара, статуата „Мајка Тереза“, за шарената постмодернистичка кич Спомен-куќа на Мајка Тереза и високата црква со сјајните куполи „Св. Константин и Елена“. Сето ова е изведено со неукост и дивеење на партиската урбана мафија.