Недостасува добар квиз на телевизија, нема и нешто што ќе не насмее

Младиот актер Виктор Велевски смета дека гледањето на телевизија треба да значи опуштање како одговор на секојдневните проблеми кои ги имаат граѓаните.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

Искрено, во последно време само спорт гледам на телевизија, затоа што се друго ме нервира и ме уморува. Истото им го препорачувам и на граѓаните, да најдат некој квиз, филм или спортски меч кој нема да ги оптовари уште повеќе. За жал, периодов се запрени речиси сите натпреварувања, така што би препорачал граѓаните да се пренасочат кон некои едукативни програми или програми за готвење. Многу сакам да гледам емисии со готвење. Комплетно ме опуштаат, а и даваат добри идеи. И онака се соочуваме со илјадници проблеми, можеме барем пред телевизор да се опуштиме.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

-Дефинитивно би требало да избегнуваат се она што им создава тензија и им создава дополнителни проблеми. Искрено, подобро да гледаат сапуници отколку предизборни кампањи, реални шоуа и слично. Секако би требало да не поминуваат многу време пред телевизор, има многу покорисни работи за правење во животот.

Секако не би требало да поминуваме многу време пред телевизор, иако за жал во оваа полукарантин состојба, тоа е спас од здодевноста. Препорачувам на граѓаните да не веруваат слепо на секоја вест што ќе ја чујат, само затоа што била кажана на телевизија, бидејќи преполн е етерот со новинарски патки и лажни вести.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Мислам дека на моменталната програма на телевизија недостасува еден добар квиз. Многу сакам квизови, и се надевам дека за кратко ќе имам прилика да си ја исполнам желбата да имам сопствен квиз. Сакам едукативни програми од тој тип.

Исто така, сметам дека недостасува ток шоу. Не ми се допаѓа тоа што не ги следиме трендовите во светски рамки. Во последно време многу често го гледам ток шоуто на Грахам Нортон, и тоа ми е пример како треба да изгледа едно ток шоу.  Со добар хумор, и без прашања чии одговори сите ги знаеме секако. Општо гледано, недостасува емисија која ќе ги насмее и развесели луѓето.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Скопје никогаш нема да биде доволно застапено како тема. Можат цела една телевизија да направат со приказни за Скопје, и пак нема да може да се раскажат сите. Скопје е магично место. има многу работи што не се кажани за него, а и тие што ги знаеме, треба да се повторуваат, да не ги заборавиме. Сепак, мислам дека треба малку да се преиначат емисиите  и прилозите за Скопје. Во последно време само лоши работи слушам на телевизија за Скопје, ми недостасува емисија која ќе не потсети зошто го сакаме Скопје.

Мислам дека би било добра идеја да се преточат книгите на Данило Коцевски во некаква емисија. Тој човек е богатство на Скопје и мора да го искористиме максимално неговото знаење. Ми треба нешто налик Досие Скопје, само малку поопширно, со повеќе лични приказни за Скопје