Недостасуваат паркови, детски игралишта, велосипедски патеки, познатиот ноќен живот…

Aктерoт Рубенс Муратовски има многу забелешки за тоа како се управува градот, но и за самиот однос на граѓаните кон сопствениот град…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Дома, роднините, пријателите, другарите…старата телевизија во Нерези, каде што поминав голем дел од детството, паркот кај стадионот, Вардар и западна трибина, кафулињата„Бони“ и „Ани“, клупите пред „Малага“ каде што свиревме гитара и јадевме сладолед. Се сеќавам на концертите околу Нова Година на сајмиште, автобуската постојка кај поранешен Цветен пазар каде што застануваше 14-ка…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Зарем може да престанам да го сакам Скопје заради изгледот? Може да ми се допаѓа или не како изгледа сега но тоа нема поврзаност со љубовта кон градот во кој сум роден и живеам. Го сакам Скопје заради спомените, и убави и неубави, и ќе го сакам и во иднина.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Па не фрлам отпадоци насекаде, внимавам каде се паркирам, се трудам да возам велосипед што повеќе. Барем да не дозагадувам. Ова е тоа кое можам да го сторам во рамките на моите можности.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со скопјаните. Оние вистинските, затоа што тие се лицето на градот. Урбани, паметни и воспитани. Со некогашниот ноќен живот. Со Драмски Театар.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Веќе е преголемо. Треба да се намали. Но, мислам дека тој воз го пропуштивме. Затоа барем треба да престане да расте, а ова што е до сега создадено некој умни луѓе, некогаш да го поправат. Засега, такви нема.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ми недостасуваат уште многу паркови, детски игралишта, велосипедски патеки, ми недостасува оној надалеку познат ноќен живот, ми недостасува емпатијата која ја имаа скопјани. Сочувството кон другите, помагањето. Скопје по земјотресот е обновен со помагање и наместо ние да бидеме пример за тоа кон себе и кон другите станавме себични и зли. А би одзел стотици згради и фабрики кои загадуваат. Наместо зградите ќе ставиме паркови и зеленило.

Во какво Скопје сакате да живеете?
– Одговорот го имате во претходното прашање. Со многу паркови, зеленило, луѓе весели и среќни на велосипеди и моторчиња, град во кој нема да го знаеме името на градоначалникот.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– За жал мислам дека ниеден градоначалник досега не му го дал на градот она што му треба. Некој сосема малку, некој апсолутно ништо. Но, не мислам дека скопјани со тоа што “плаќаат” се амнестирани од понатамошна одговорност. Ниеден градоначалник, ниедна служба не може да го исчисти она што ние ќе го извалкаме. Фрламе ѓубре на секаде, се паркираме каде што ќе ни текне, ако нема столбчиња на тротоарите тие се претворени во паркиралишта. Како да е тоа туѓо. Како да не живееме сите ние тука. Огромен дел од луѓето кои од други градови доаѓаат да живеат тука си ги носат своите навики наместо да ги прифатат овдешните…