Нега Центар во Кисела Вода ќе се грижи за околу 40 стари лица

Со работа денеска започна Нега Центарот во Кисела Вода што ќе им помага на околу 40 лица кои се на возраст од над 65 години, а на кои им е потребна грижа и нега. Услугите на центарот ќе може да користат и лицата со намален функционален капацитет и попреченост кои живеат на територија на општината.

-Лицата кои имаат потреба, негата ќе ја добиваат во рамки на нивните домови, од страна на 20 лиценцирани негуватели од Центарот, кои ќе им обезбедуваат помош во одржување на личната хигиена, при обезбедување на потребните намирници, лекови и слично, како и во одржување на домот, соопшти денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски посочи дека овој проект има за цел значително да го унапреди квалитетот на животот на повозрасните и на лицата со попреченост кои не се во можност во целост самостојно да се грижат за себе си.

Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на Град Скопје рече дека во моментот имаат приближно 60 лиценцирани негуватели.

-Целта е на територија на Град Скопје во секој општина да имаме ваква канцеларија, ваквов центар нега каде на лицата во трето доба посебно ќе им се пружат услугите во домашни услуги. Слоганот на нашиот проект е „Само дома си е дома“ зашто поголемиот дел од корисниците сакаат своите денови на пензионирање да си ги поминат во својот дом, рече Тунева Пауновска.

Претходна вестПрв пат во Хрватска опериран тумор со помош на вештачка интелигенција и роботска рака
Следна вестПолициска акција во тек, запленета голема колична на дрога, уапсени двајца дилери