Нека поскапат: И онака веќе не ни требаат антидепресиви!?

Стресот и нервозата е неизбежен дел од животот на мнозинството македонски граѓани. Причини за вознемиреност има на секој чекор.

Несигурна иднина, мали плати, високи цени, распад на здравството и образованието, политиканство наместо лидерство… Доволно е само да се излезе надвор од дома за да се почувствува како реалноста делува врз луѓето – од државни и градски служби кои скоро и да не функционираат, а стресот од влез во маркетите да го поменуваме ли?

Во еден маркет влегуваш за да провериш цени, па во друг се враќаш да земеш еден производ оти е најевтин таму, па одиш во трет за да купиш друг поевтин производ: „Ова е поскапено“, „Ова имаме, она немаме“, „Ова е со гарантирана цена, но го немаме“… се се тоа ситуации кои голем дел од граѓаните веќе ги стават во состојба на зголемена нервоза.

Треба ли да зачуди тогаш фактот што во Македонија расте употребата на лековите за смирување на анксиозноста, на нервози, депресии кај македонските граѓани? „Земи си еден Диазепам за да се смириш“, стана речиси одомаќена реченица дури и во лекарските ординации, а не само во семејствата.

Само во предминатата 2021 година за анксиолитици биле дадени над 2,4 милиони рецепти во примарната здравствена заштита. Тоа е повеќе од бројката на жители во земјава. Ако на тоа се додадат и лековите што се купуваат „на приватно“, јасно е каде народот го бара „спасот“.

Ама…

Сега и набавувањето на тие лекови македонските граѓани ќе биде нервозно. Од утре, и антидепресивите, заедно витамините, додатоците за исхраната, за поддршка на работа на црниот дроб, простатата, очите, кесички со електролити за дехидрација, пробиотици, додатоци за вознемиреност или несоница… ќе бидат поскапи бидјеќи ДДВ за нив се зголемува од 5 на 10 отсто. 

Кое е објаснувањето зошто овие лекови и препарати се најдоа меѓу оние кои треба да бидат поскапи, на јавноста и остана непознато. Зарем луксуз станаа и лекови со кои граѓаните ги ублажуваа последиците од стресовите и нервозите за коишто се најмлаку виновни?

Или па, може власта се води од својата девиза и уверување кое нон – стоп ни го повторува: Во Македонија работите се подобруваат на секое поле откако тие владеат.

Претходна вестТетовските пензионери половина час го блокираа влезот во градот, бараат зголемување од 5.000 денари
Следна вестАмериканец освои 1,73 милијарди долари на лотарија