Нека учат од грешките: Имињата на улиците мора да се носат со компромис

Промената на имињата на улиците во македонската метропола одново е актуелна. Десет месеци по големата промена која ја направи претходниот состав на Советот на Градот Скопје, кога се усвои голема листа од 570 нови имиња со кои ќе се именуваат  улиците, мостовите, плоштадите и други јавни објекти во Скопје и кога се сменија повеќе имиња, сега целиот процес ќе се враќа на почеток. Мнозинството советници во Градскиот Совет, предводени од ВМРО-ДПМНЕ вчера на дневниот ред ја додадоа и точката за „Одлука за поништување на одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје“. Се тврди дека во февруари донесената Одлука била донесена со непочитување на законски процедури, дека содржела низа неправилности и слично, дека фалела документацијата.

Одлуката на синоќешната маратонска седница на Советот на Скопје беше повлечена од дневниот ред, со цел да се врати на доработка. Но, извесно е дека на некоја од наредните седници ќе се врати за усвојување.

И сето тоа пак предизвика поделби, меѓупартиски расправии…

Се случува, она на што „Скопско ехо“ предупреди во февруари годинава по големата промена – дека секоја владеачка гарнитура во Советот на Скопје ќе си ги менува имињата на улиците и други јавни објекти по свој вкус!? Претходното мнозинство предводено од СДСМ се противеше на промените на имињата направени во времето на мандатот на Коце Трајановски, а сега мнозинство предводено со градоначалничката Данела Арсовска се противи на промените направени од страна на Петре Шилегов. Значи, треба да се очекува актуелното мнозинство да определи имиња по свои видувања, на кои потоа ќе се противи актуелната опозиција и која, доколку дојде на власт по четири години пак ќе ги менува.

Значи ли ова дека скопјани на секои четири години ќе бидат сведоци на преименувањата? И така во круг. Се чини сега е крајно време да се воспостави поинаква пракса: таква пракса со која промените на имињата на улиците нема веќе да биде работа само на мнозински советници туку на сите, и на оние од власта и на оние од опозицијата. За ваквите работи мора да се постигнува компромис ако не се сака именувањето на улиците да се претвори во пинг-понг инаетење. А сето тоа ќе биде на штета на граѓаните кои ќе се соочуваат со проблемите.

Да не зборават избраниците – поважно е граѓаните наместо по улиците со нови имиња да одат по нови и реконструирнаи улици, без дупки и пропаднати шахти…

Претходна вестЗавршува првото полугодие, учениците по одморот пак ли ќе мора да носат маски?
Следна вестМожат ли препукувањата меѓу скопската и централната власт да го чистат загадениот воздух?