Нема да ни падне тешко изолацијата, оти само така ќе се справиме со вирусот

Скопје живее во поинаков ритам

Повеќе од три недели, откако на 26 февруари беше забележана првата заразена пациентка од корона вирусот, во Скопје и во целата земја се води битката за попречување на ширењето на болеста. Бројката на  заразени расте. Градот кој преживеал катастрофален земјотрес и поплава сега води поинаква битка. Вонредните мерки кои се преземаат веќе го сменија начинот на животот на скопјаните: не работат училиштата, затворени се кафеаните, кафулињата, од граѓаните се бара да останат дома…

-Секоја епидемија има почеток, пик и на крај намалување на случаите. Пикот би можел да се очекува за еден месец и бројот на заболени би можел да достигне 2.000 лица. Затоа е најбитно да се спречи локалната трансмисија, предупреди во вторникот министерот за здравство Венко Филипче.

Сето ова од корен го менува досегашниот начин на животот во метрополата. Улиците се опустени (иако не доволно), затворени се големите трговски центри, поголемиот број на граѓаните се повлечени по домовите… Скопјани добиваат совети за подобра хигиена, внимавање при средбите со други луѓе. Во градот се повеќе граѓани носат маски и ракавици за заштита.

-Останување дома во изолација, нема да ми падне тешко бидејќи само на тој начин може да се победи болеста, ни рече една граѓанка која ја сретнавме на градскиот плоштад.

Впечаток е дека најголемиот дел од граѓаните ги прифатија мерките кои се бараат од нив, но дел од скопјани покажаа и однесување кое не е соодветно. Па така, и натаму се групираат, шетаат… Затоа и од денеска се воведе полициски час.

-Мораше и полициски час да се воведе за да се натераат луѓето да бидат дома. Мислам дека е прекраток, требаше да почнува од 19 часот. Јас сега излегов на кратко да купам намирници од пазарот и веднаш се затворам дома, ни вели аеродомец кој со маска на лицето и полни ќеси храна го сретнавме кај ТЦ Бисер.

Во пазарот ги нема вообичаените гужви. Дел од тезгите не се ниту отворени, тезгаџиите што се на работа се со маски…