Нема емисии за тинејџери, младите се окупирани со се освен со едукација и надградба

Актерката од помладата генерација, Филарета Атанасова, смета дека гледачите мора да ги следат сопствените внатрешни реакции кога избираат што ќе гледаат на малите екрани.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ програмите?

-На нашите граѓани топло им препорачувам посебно овој зимски период да се исклучат од сите секојдневни политички преписки по разно разни ТВ-канали и скандалите кои не пратат цела година. Тие само ќе ги вознемират, а ако баш мораат да гледаат нешто, нека биде тоа некој добар документарец или филм.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Може секој сам да си почувствува дали нешто го храни или му ја јаде душата. Доколку гледате вести јасно е по вашата внатрешна реакција, дали е ОК или не. Не дека не треба да се прифаќа реалноста, но ако е полулажна, полутрагична и полусмешна, а никој не не плаќа да се секираме и не можеме ништо да промениме, прашањето е вреди ли да се труе човек на таков начин. Според мене не. Така е со се. Владее еден општ хаос и отуѓување меѓу луѓето. Младите луѓе во моментот кога треба да научат да даваат љубов и поддршка, кога треба да направат избори во животот, исклучени се од вистинските вредности и се бомбардирани во секојдневието со пластики… За жал, на крај тоа резултира со изгубени идентитети и празнотија во душата, а тоа е неизбежно и нималку лесно да се живее…

 Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Не сум размислувала за уредување на ТВ програми, но можам да ви кажам што јас би сакала да има повеќе, би сакала да има повеќе хумористични серии зашто на сите ни недостасува хумор и ведрина. Би сакала да има и контактни емисии кои ќе ги водат елоквентни и докажани тв лица, во кои нема да мора со саати пензионери или гледачи да полемизираат и размислуваат гласно и јавно што и како треба политичарите да прават во државава. Би сакала и да се обрати внимание на културата на однесувањето, и што ние како единки може да правиме во секојдневието, на пример, во продавница, во автобус, во сообраќај… Нема емисии за тинејџери. Младите генерации се окупирани со се освен со едукација и надградба како индивидуи. Со интернетот младите го имаат светот на дланка, ние дремевме во Универзитетска и читавме книги, а сега акцентот е, за жал, на Кардашиан шоуа и слично. Ми фалат, треба повеќе емисии во кои ќе се спомнуваат наши автори, за книжевноста, музиката, театарот, филмот…

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Скопје, за жал, пати исто како и граѓаните и од внатре и од надвор. Надворешноста некако ја проголтавме, кичот ни стана секојдневие. Но, она што не смее, а му се случува и на Скопје и на сите нас, е загадувањето кое тивко не убива, а тоа е нешто што не смееме да го игнорираме. Едно од основните човекови права е правото на чист воздух и не ми се верува дека сум доведена до степен да ја напишам оваа реченица, И ова нека е апел до сите да го спасиме Скопје и Македонија од загадувањето. На Скопје му недостасува љубов и тоа во текот на целата година не само за празници да го накитат со секакви светилки.