Србија и Косово се договорија само да се договараат во Скопје

Заврши долгоочекуваната средба помеѓу Албин Курти и Александар Вучиќ. На средбата единствено што е договорено е да продолжат преговорите.

Вчера се одржа трилатерална средба во Брисел на која присуствуваа претседателот на Србија Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак. Заедничката средба започна во 18 часот и траеше околу два часа, по што присутните се обратија пред медиумите.

Вучиќ по средбата изјави дека ништо не е потпишано и дека прво мора да се формира Заедница на српски општини (ССО).

– Се надевам дека е можно да се дојде до некакви компромиси, но се плашам дека можеме да останеме заглавени во нешто што е одамна потпишано и одамна требаше да биде исполнето. Во секој случај, од сите тие големи приказни во јавноста – ништо посебно. Важно е што разговаравме, добро е што разговаравме. Верувам дека ќе избегнеме еднострани потези кои би ја загрозиле безбедноста на луѓето на терен. Се надевам дека можеме да работиме на имплементација на претходно постигнатите договори, истакна тој.

Вучиќ тврди дека Курти дошол со „идејата да потпише нешто.

– Не разговаравме за тоа и такво нешто не беше прифатено. Чекам да го видам планот за имплементација кој се однесува на претходните обврски. Што се однесува до патоказот, мора да се работи. На почетокот на тој патоказ мора да има нешто што некој не сака да го исполни, а тоа е ЗСО. Договорено е да се продолжат разговорите, рече српскиот лидер.

Тој додаде дека понатамошните разговори можат да продолжат само по договорот за ЗСО. Вучиќ рече дека внимателно го слушал Курти додека тој зборувал зошто ЗСО му е неприфатливо.

– Сепак, тоа се обврски и мора да се исполнат. Верувам дека ќе се исполнат во наредниот период. Не заборавајте дека Европскиот совет е на 23 и 24 март. Тие сакаат дотогаш да имаат извештај, постигнавме ли нешто и тогаш соодветно ќе се однесуваат кон нашата европска интеграција, додаде тој.

Вучиќ нагласи дека договорот не може да биде постигнат за еден ден.

– Штом почнавме да работиме, во тој момент застанавме. Полека луѓе. Што мислеше некој? Дека потписот ќе отиде за еден ден? Тоа е сериозен, долг, тежок и напорен процес. Не е така. Затоа ќе откажам дел од моите патувања и обврски, за да разговарам со Лајчак и да се подготвам за 18 март за да не биде осудувана Србија на 23 и 24 март, изјави тој.

Курти истакна дека е подготвен да го потпише денешниот договор во Брисел, но српската страна одби. Тој смета дека е голема загуба што денеска ништо не е потпишано.

– Тоа е договор кој целосно ја воспоставува еднаквоста на страните, тоа е договор на симетрија, добрососедство и соработка во иднина, секогаш на демократски и европски начин. Не потпишав затоа што другата страна немаше волја да потпише. Мислам дека е срамота што денеска не беше потпишан. Договорот требаше да се потпише, но не беше, а тоа го направи српската страна, иако се согласи, изјави косовскиот премиер.

По средбата, Борел ги пофали Вучиќ и Курти за покажаната одговорност и учеството во интензивни дискусии. Тој изјави дека во подготовката на документот учествувале највисоките претставници на сите 27 земји-членки на Европската унија, како и членови на Европскиот совет.

– Овој план првпат го претставивме минатиот септември, оттогаш водиме интензивни дипломатски преговори. Во тој период специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак десет пати патуваше во Приштина и осум пати во Белград и ова е првпат Лидерите на Србија и Косово зборуваа во живо за предлогот, рече Борел.

Борел најави нова средба но не го кажа точниот датум.

– Ќе свикам уште една средба на двајцата лидери во текот на март со цел да се завршат разговорите за анексот на кој ќе се зборува за имплементација и со кој ќе се регулира фазата на имплементација на договорот, најави европскиот комесар Жозеп Борел.

Точниот датум на средбата не го откри Борел, туку српскиот претседател Александар Вучиќ.

А тоа според српскиот претседател ќе биде за време на посетата на Борел на Македонија поточно Скопје на 18 март, а дел од неговата агенда ќе биде средба со лидерите на Србија и Косово.

 

 

 

 

Претходна вестМаалско куче убиено со огнено оружје среде Карпош
Следна вестНашиот селектор и капитен гласаа Меси да биде најдобар светски играч