Нема потреба од гледање емисии кои ја навредуваат човечката интелигенција

Оле Поцкова, по професија монтажер во „Канал 5“ телевизија, но препознатлива како дел од познатата емисија „Зевзекманија“ се надева дека нашите телевизии ќе соберат сили да продуцираат серии слични на оние чии нови епизоди со нетрпение ги исчекуваме.

оШто им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
-Со оглед на продорот на повеќе странски и домашни канали и либерализација на пазарот на кабловски и сателитски програми имам впечаток дека гледачот има можност да бира. Но и кога се избира нешто треба да се избере навистина она од што ќе се добие нешто вредно. Токсичните содржини кои ретко носат, или скоро никогаш не носат бенефит во смисол на информација, мислам дека треба да се одбегнуваат. Во овој период кога имаме наплив и на лажни-вести, лажни медиуми, навистина, секој од нас мора да води сметка од каде ќе се информира.
Да се надеваме дека во блиска иднина и кај нас ќе се создадат услови да се создаваат серии како “Чернобил”,”Лост“ или “Пики Блајндерес”. Јас би сакала меѓу нашите телевизиите да се создаде натпревар коj ќе донесе нова серија со нов уметнички израз. А во исто време самата телевизија да создаде услови за создавање на сопствена продукција.

оШто сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
-Нема потреба од седење пред телевизор и гледање емисии кои ја навредуваат човечката интелигенција, кои се снимени само да пополнат минутажа, без фабула и без вистинска цел. Ги има многу и тие се лесно достапни. Лесно може да се препознаат… Доволни се неколку минути, неколку прашања и одговори кои ќе ги слушнете. Тогаш, притискањето на копчето на далечинскиот управувач веднаш ве заштитува и тоа редовно треба да се прави. Како телевизиски работник сметам продуцирањето е многу важна и одговорна работа, не само за нас туку и за генерациите по нас.

оШто би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
-Па јас веќе сум и дел од еден телевизиски проект кој опстојува 16 сезони, кој третира и граѓански теми, но и се обидуваме преку играниот дел да дадеме сатирична нота воглавно на политичката состојба во државава. Секогаш може подобро, но јас сепак се чуствувам комотно во оваа улога.

оДали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Што се однесува до застапеноста на Скопје како „проблем“ чуствувам како да продираат информации. Но, јас се сеќавам на емисии од типот на „Скопска хроника“ или „Врти сучи тоа ти е Скопје“ кои го третираа градот од друга преспектива. Мислам дека ваквите идеи треба да бидат патоказ кон нешто помодерно и погледливо, но во себе мора да содржат информации.