Немањето знаење во градската управа продуцира 6.000 нови кучиња скитници

Со Столе Веловски, активист во Здружението „Анима мунди“ разговаравме за состојбите околу справувањето со проблемот со бездомните кучиња на подрачјето на Скопје…

Каква е, според Вас, моментна состојба во градот Скопје со бездомните животни?

-Состојбата е повеќе од алармантна и поразителна. Во тоа не уверуваат секојдневните појави на нови и нови кучиња по улиците, животни кои, само бидејќи не се стерилизирани формираат глутници, имаме нови и нови каснувања, градот исплаќа над 200.000 евра годишно отштети за напади од куче. Повеќе од половина година се оправа, доправа, па одново конструира и гради стационарот „Вардариште“, помпезно најавуван  преку отворање на ново ЈП претпријатие „Лајка“. Но, сега сме доведени во ситуација, 10 „Лајки“ да не можат да ја поправат штетата нанесена на животните, граѓаните и градот со запирањето на програмата за масовна стерилизацијата на бездомните животни во Скопје од месец април и непонудената алтерантива за спроведување на истата. Не постои друг главен град во Европа кој направил комплетен застој на програмата „залови – стерилизирај – врати“ повеќе од половина година. Немањето интерес, знаење, концепт, сенс продуцира најмалку 6.000 нови кучиња во Град Скопје за само половина година.

 Што ургентно треба да се прави додека не профункционираат „Лајка“ и „Вардариште“

-„Лајка“ може, но не мора да постои, но она што е неопходно е да постои функционална програма на масовна, брза и бесплатна стерилизација на животните како и програма за неодговорното сопствеништво. Во повеќе наврати Анима Мунди се обрати до градоначалникот Шилегов и Советот на Град Скопје со укажување за алармантната состојба со бездомните животни. Баравме веднаш да се воспостави времена соработка со здруженијата за заштита на животни, граѓаните – “старатели“ на бездомни животни, сите ветеринарни амбуланти и примени систем на дистрибуирање ваучери за бесплатна стерилизација во домен на градот. Од град Скопје никогаш не добивме одговор. Понудивме и конкретна помош во стерилизации на бездомни кучиња се додека трае застојот на програмата во градот. На понудената помош не добивме ниту одговор, и тоа сега додека е градот по ова прашање во комплетен колапс. Јавноста мора да знае дека не ни се проблем животните туку институциите. Но, нема кој да го санкционира нивното неработење. Потсетуваме само, секоја една нестерилизрана единка во просек раѓа некаде од 16 до 20 кутриња. Директорот на АХВ Зоран Атанасов должи објаснување на јавноста дали не смета дека стерилизирањето на бездомните животни е итно и важно, со цел да се обезбеди заштита на граѓаните, животните, да се заштедат пари. Бараме одговорност!

 Дали сметате дека се поставени добри основи за системот на одговорно сопствеништво?

Кампањата ја сметаме за задоцнета, но ја поздравуваме. Сметаме дека е потребно допрва да се развие и интензивира и да вклучи повеќе субјекти. За тоа дека АХВ не може сама да се грижи за истата проблематика говориме веќе цела деценија и токму поради тоа Анима Мунди во континуитет бара законски измени и овластувања на здруженијата во наменска служба за превенција – евиденција – санкција на насилството врз животните. Ние го предлагаме Италијанскиот модел. Де – факто ние сме тие кои вршиме истраги на терен, ја имаме довербата на јавноста, пријавуваме и ги мониторираме процесите со цел истите да имаат соодветна законска завршница.

Дали сте оптимист дека тековното чипирање добро се спроведува?

-Мерката е важна, но не можеме да направиме проценка како е спроведена, се додека не се направи анализа и ги видиме конечните бројки. Да, сме за санкционирање на сите оние кои нема да бидат системски евидентирани за животните кои ги поседуваат. Отстапка треба да се прави само кај старателите на бездомни животни – категоријата лица кои помагаат и со сопствени ресурси времено згрижуваат животно со цел да му најдат дом. Ним треба да им биде овозможено како бесплатно чипирање, така и бесплатно вакцинирање и стерилизација на времено згрижените животни.