Дождот од денеска уште повеќе ја зголеми опасноста од поплавите низ Македонија. Очите на сите се вперени во облаците – ќе престане ли да врне за да се спасиме од водените стихии. И секако, очите на сите се вперени кон надлежните институции, но и врз сите граѓани во погодените подрачја.
На терен пак се виде истата слабост: затнати одводни канали, неисчистени шахти, нерегулирани речни корита, но и градби каде не би требало да ги има, отпад и диви депонии таму каде треба водата да тече.
Вчерашните слики од Кичево и од Сарај потсетија на големата трагедијата од 2016 година со поплавата кај скопската обиколница и во Стајковци, кога загинаа 23 лица. Тогаш беа ветени трајни решенија, регулација на водотеците и редовно одржување на каналската мрежа. Денес, една деценија подоцна, повторно се соочуваме со истиот проблем.
Ако лекциите од Стајковци беа научени, денес немаше повторно да броиме штети и да ги обвинуваме облаците за состојбата.
Деновиве треба да се работи засилено на заштита и санација на состојбата. А потоа многу посериозно и поодговорно да се однесуваат и институциите и граѓаните во кризните подрачја. Овие поплави не се само природна непогода, туку и последица на, со години несоодветното однесување на повеќето од нас.


