Неопходни се пет двигатели за успех

 

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Како на филмска лента, нѝ се одвиваат колоритни револуции низ Македонија– шарена, па зелена…! И никако да ни се посреќи, се уште сме во црно – белиот свет! Дали е до бојата, или до револуцијата или до народот!?

Луѓе без калибар и без идеи… Насекаде има многу параноја…, а ние би сакале да бидеме центар на светот! (Штулиќ) И додека родителите изведуваат политичко-физички активности на духот во спортските сали (Борис Трајковски., Јане Сандански, Кале), децата – младите настапија со јавно барање за чист воздух, лично човечко право за здрав живот, што секако е право на сите живи суштества, меѓу нив и човекот. Наравоучение – и родителите и децата го дишат истиот воздух, но можеле и да поразговараат меѓу себе и да се разберат дека проблемот е од постар датум (2004) и дека родителите (власта) имаат пред сè општествена одговорност и задача да го спречат овој процес на постојано загадување – временски и просторно и да создадат идејност за здрави навики во живеењето и во однесувањето, морално, политичко, економско, итн.

Ние не сме општество за сите! Ние сме општство само за една „мала група“ на „не обични човеци“!

Живееме во политички хаос во кој само оваа група има корист. Затоа нема планомерност за развој и за напредок. Ние сме општество кое се движи во негативна насока, народ кој не верува во својата сила, разединет, осиромашен духовно и материјално!

А, за успех на борбата, бугарскиот писател А. Страшимиров, запишал: „непходни се пет двигатели: срце, волја, совест, разум и историско сознание!“