НEВРАБОТЕН: Платите се понижувачки и родителите ме поддржаа да не работам ГАЗДА: Нудиме работа и обука, а за поголеми плати треба и поголема продуктивност

Многу невработени, многу слободни работни места…

Невработените кукаат дека нема работни места. Гздите на фирмите кукаат дека нема работници. Кој е во право? статистичките бројки укажуваат дека невработеноста во Скопје е голема, дури 18.347 граѓани бараат работа преку Агенцијата за вработување. Ова значи дека речиси секој петти невработен во земјава е од македонската метропола. Но, тука е и апсурдот: во Скопје се нуди работа, редовна плата, но тоа не се прифаќа од страна на невработените!? Само во овој момент во фирмите во градот има 5.070 слободни работни места за кои никој не е заинтересиран.

-Подолго време бараме шивачки. Нудиме плата од 20.000 денари за работа од 40 часа неделно. Нудиме и обука за оние кои немаат искуство, но се е залудно. Не се јавуваат на оглас, нема заинтересирани. Ние сме сериозна фирма повеќе години присутна на пазарот. Работата не е претешка бидејќи речиси се е автоматизирано. Очигледно е дека на некои невработени не им се работи. Можеби подобро им е да живеат од социјална помош, ни рекоа од фирмата АТС Груп.

Состојбата не е подобра ни во некои други фирми кои бараат работници. На дуќани по градот често може да се сретнат огласи на кои се наведува : „Се бара продавачка“, „Се бара мајстор“, „Се бара келнер“… Но, местата со недели стојат непополнети. Се отвора дилемата зошто невработените, првенствено младите, не сакаат да работат.

-Пред некој месец се заинтересирав за работа во еден наш познат трговски синџир, за продавач. Ми понудија плата од 13.000 денари, а ако работам и во недели и за празници ќе биде за 2-3.000 денари повеќе. Кажете сами, дали е тоа плата за која вреди да се работи напорно цел месец. Тоа е понижување. И моите дома ме поддржаа и ми рекоа дека тие ќе ми дават пари од нивните пензии. Ако газдите мислат дека некој ќе им се нафати да работи за толку пари, нека ги вработуваат. Ова е под секое достоинство, ни рече 27-годишниот скопјанец Дарко Д.

Веќе со години платите за поедноставните работни места во градот се во распон од 12-13.000 до 20.000 денари што, според мислењето на многу скопјани е малку. Најмногу се бараат продавачи, најразлични мајстори, општи работници, градежници, за услужни дејности…

Дали таквите плати треба да се причина да се седи дома и да се цица од буџетот на родителите или на бабите и дедовците? Апсурдот да биде поголем, меѓу невработените има многу со незавршено средно образование, но и тие одбиваат да се доквалификуваат или преквалификуваат за да заработуваат плата. Излегува дека десетина илјади лица кои имаат само основно или средно образование не сакаат да бидат продавачи, келнери, магационери…!?

-Неодамна имавме потреба за една фирма да им обезбедиме 20 невработени за да ги обучат да бидат кранисти во погонот. Нудеа плата од 20.000 денари додека ги обучуваат, а потоа постојано вработување и плата до 30.000 денари. Не се јави никој. Никој не се јавува дури и за работа да лепи етикети за лекови што не е тешко. Не ми е јасно. Велат, далеку ми е, ладно ми е, има прашина… Немам одговор за тоа. Точно е дека платите се мали, но нешто е подобро од ништо. Ќе се случи да нема работници на пазарот, ни вели Раде Ненадиќ од агенција за времени вработувања „Партнер“.

Скопјанецот Сашо Димовски ни вели дека градот ќе се остане без работници оти сите ќе се иселат.

-Со вакви мизерни плати се живо се иселува. Порано се иселуваа за парче леб сега одат и оние кои имаат добар живот тука. Како да се вработуваат кога тие плати што ги даваат тука се за 10 дена во месецот човек да живее. Во моја фирма 13 години имам иста плата, вели Сашо Димовски.

Ангел Димитров, претседателт на Организацијата на работодавачи, пак, ни рече дека ниските плати се секако една од причините за непополнувањето на работните места.

-Но, мислам дека причините лежат и во тоа што младите сакаат да работат во државна служба. Никој не сака да работи во технички дејности. Се заминува и на сезонски работи во странство. За да имаме поголема продуктивност и поголеми плати треба да имаме и високо продуктивни дејности. Платите не смеат вештачки да се зголемуваат, потенцира Димитров.

Вработувањата во државните служби одамна станало цел за многу млади во градот. За тоа се бараат како приватни така и партиски врски. За жал, во тоа се и успева заради што бројот на непродуктивните администативци постојано расте. Во демотивирањето на младите да работат во технички и услужни дејности големо влијание имаат и високите плати во државните фирми. Плати од 30.000 денари за курири, за доставувачи, за технички персонал предизвикуваат револт кај младите кои вработувањето во државна фирма си го поставуваат за главна цел… .

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО