„Подготени сте за преговорите“, „Многу ве сакаме во ЕУ“, „ЕУ не е целосна без Западен Балкан“, „Преговорите сега ќе ги почнете“… ова се пораките кои Македонија во изминативе 15-тина години ги добиваа од Европската унија. Евродипломатите ќе дојдеа пречекани како кралеви и уште на црвениот тепих ќе ни кажеа дека работава со преговорите е готова – ќе почне влезот на Македонија во ЕУ.
Сите овие години просто се менуваа како на лента еврофункционери кои како да се натпреваруваа кој ќе биде поуверлив дека нашата земја е посакувана во бриселското друштво.
Таква една „надежна“ порака-уверување Македонија доби и во 2009 година, односно, само една година по одржувањето на Самитот на НАТО во Букурешт, Романија и ветото кое го доби нашата земја од Грција.
Но, сето тоа во 2009 – та година не му пречеше на Хавиер Солана, тогашниот висок преставник на ЕУ за надворешна политика, да даде изјава дека токму во таа година може да се случи почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
– 2009 може да биде добра година за почеток на вашите преговори за членство. Вие сте во позиција во која со мал напор, може да влезете во преговарачкиот процес со ЕУ, изјави тогаш Солана.
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ ова го изјави по средбата со тогашниот македонски претседател во заминување Бранко Црвенковски. Тогаш Македонија веќе пет години имаше статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и во секој годишен извештај добиваше препораки за почеток на преговорите за членство, но тие никако не започнуваа.
Што ли прави сега Солана, ги подучува ли новите евробирократи на своите дипломатски вештини, чесност, правичност, визија…?