Ни скривниците под Кале не можат да ја сокријат негрижата на надлежните

Куп отпадоци, пластични шишиња, штици, кеси, искршени столчиња, израснати треви, фекалии… се работите што ќе ве дочекаат на влезот на неколкуте скривници под скопската тврдина Кале. Некогаш таму имаше и тешки врати, сега ги нема. Бетонските ѕидови кои се потпора за влезот во внатрешноста на тврдината каде се скривниците веќе почнале да се ронат. Целиот влез повеќе потсетува на некаков јавен нужник отколку на место во кое скопјане треба да побараат заштита во случај на опасност. А ваквата состојба со скривниците, за жал, трае со години.

Пред неколку дена пак ги обиколивме десетината влезови во скривниците под Кале. Направени пред повеќе децении, тие заедно со другите скривници во Гази Баба и на Водно, треба да им служат на граѓаните на Скопје во случај на најразлични опасности: од бомбардирањата во војна, од радиолошка, хемиска и биолошка опасност, но и од други видови на загрозување. Тие се направени мошне добро, според некогашните стандарди за градба на ваков вид на објекти кои треба да издржат силни удари. Но, едно е да се направат, а сосема друго да се одржуваат. На потребата да се чуваат и да бидат секогаш во функција очигледно од поодамна е заборавено од страна на надлежните органи. Инаку, во еден период тие беа и изнајмени и служеа за производство на печурки. Откако со тоа се престана почна и засилено пропаѓање.

– Често поминувам тука и гледам како влезовите во скривниците се користат како нужници. Никој не го чисти ова. Не ми е јасно како вакви важни објекти во кои е вложено многу не се одржуваат. Зарем не може да се најде некаква намена, да бидат и скривници и да се користат за нешто друго за да не пропаѓаат, ни вели скопјанецот Стеван Алексовски.

Отпадоците и фекалиите сега попречуваат и само влегување во скривниците. Пристапните ходници се темни, а кога ќе се дојде до нивниот крај се гледаат помалите отвори за влез во самите скривници. На некои има железна врата, на некои нема. Внатре владее темница која секое навлегување го прави тешко и несигурно. Заради тоа се откажавме од влегувањето во внатрешноста на скривниците за да видиме во каква состојба се салите во кои би требало да престојуваат граѓаните во случај на опасност.

-Навистина е срамно и недозволиво скривниците да се во таква состојба. Тие се направени во минатото кога некои воделе сметка за заштита на граѓаните. Мора што побрзо да се средат, да се исчистат и некоја државна институција како Дирекција за заштита и спасување или Центар за управување со кризи, да водат сметка за нив. Тие треба да се вратат во поранешната состојба оти некогаш може да притребат, ни вели пензионер Адил Газафер, поранешен заменик-началник на Генералштабот на АРМ.

Овие скривници, всушност, се и во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување. Обидот на „Скопско ехо“ да добие одговор на прашањата за состојбата и плановите со овие објекти од оваа институција остана без резултат. На нашите испратени прашања до печатењето на весникот не добивме никаков одговор. И ова, сигурно, укажува дека скривниците под Кале и натаму ќе бидат оставени да пропаѓаат. Зошто? Зошто толкава негрижа, а платени се да се грижат?

Редовни контроли, никој не прави
Во владината уредба за начинот на изградба и одржување на засолништата од 2010 –та година се наведува и обврската за редовни контроли на оние објекти кои се во надлежност на ДЗС. Тие контроли треба да се спроведуваат редовно и тоа на секои три, шест и дванаесет месеци од страна на оваа државна институција. Колку таа контрола се врши под Кале може лесно да се претпостави.
Инаку, според податоците, на подрачјето Скопје има вкупно 974 скривници (во кои се вклучени и оние по станбените згради) и во кои може да се сместат околу 102.000 граѓани.