Никој не победи на изборите, правењето владини комбинаторики да не ја поразат Македонија

Претходните постизборни искуства опоменуваат

Македонските граѓани покажаа каква им е изборната волја. Ниту една групација не доби силна поддршка и убедливо мнозинство во парламентот. Напротив. Со тесен изборен резултат, со разлика од два пратенички мандата се покажа дека народот главно е незадоволен и од власта и од опозицијата. Од првите заради сите попуштања на меѓународен план, промената на името на државата и бројните внатрешни скандали, од другите што не покажаа доволно дека се променети и способни да ја водат државата во наредниот период. Тоа се потврди и со нискиот одѕив од малку над 50 проценти кој не се должеше само на стравот од гласање во ек на епидемијата.

Но, резултатите се тука: според се уште неофицијалните податоци, до сега владеачката партија СДСМ освои 46 пратенички места, опозициската ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ – 15, 12 коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива, 2 – Левица и 1 – ДПА. Ова значи дека сите комбинаторики за тоа кој ќе состави Влада и кој се ќе влезе во неа се можни. Впрочем така најавуваа сите уште при објавување на резултатите.

-Кога сите трчаат за да седнат во владата, а немаат доволно пратеници, тоа значи дека се подготвени на секакви отстапки кон оние што ќе им го дадат потребниот број на гласови. Тогаш, од искуство знаеме дека најмногу губи Македонија. Тоа овој пат не смее да се направи, реагира аеродромката Надица.

Грижа околу комбинаториките

 -Партиите наместо да се борат да прикажат што повеќе од изборната програма и на што се стремат во наредните години тие одлучија најголем простор да им дадат од некакви прислушкувани разговори од кафани, седенки, телефони итн. Го демотивираа народот да излезе да гласа, на дел влијаеше и да го поништи гласачкото ливче. Заради ова, но и заради изборниот резултат, очекувам нови избори за брзо време и со нови луѓе и нови лидери во двете најголеми партии, вели скопјанецот Ненад Горневски.

Изборните резултати покажуваа неколку комбинации кој со кого би можел да коалицира со оглед на она што се кажуваше во изборната кампања. СДСМ има можност да прави Влада со ДУИ, Алијанса и Алтернатива, ДПА, а мали се шансите за комбинации со Левица или со ВМРО-ДПМНЕ. Но, по изборите и од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека влегуваат во трката за ново мнозинство при што бројките покажуваат дека партнери би можеле да им бидат ДУИ, Алијанска и Алтернатива, Левица и ДПА. Колку на сите овие партии им се барем малку компатибилни програмите? Во кампањата се слушнаа речиси ултимативни партиски барања: премиер да биде Албанец, воведување на дводомен парламент и вицепемиер –Албанец, одвојување на 500 милиони евра од државниот буџет за ревитализација на албанските населби, донесување на судии и обвинители од Европа за да расчистат со криминалот, поништување на Законот за двојазичност, поништување на договорите со Грција и со Бугарија… Сето ова се барања на кои, како и на секои избори ќе се надоврзат барањата за вработувањата на стотици партиски активисти во државна администрација, добивање на тендери, легализација на дивоградбите…

Како што сега стојат работите можноста прв да се изјасни околу ваквите категорични барања кои ќе значат големи промени во државата и отстапување од државните интереси ќе биде СДСМ. Тие во кампањата изјавуваа дека нема да ги прифатат, но…

-Не треба никој да попушти, пред некакви преувеличени или пренагласени барања на албанските партии, кој и да биде мандатар за состав на новата влада, колку и таа да зависи од нивните пратеници. Треба сите заеднички да се фокусираат на решавање на економските и на здравствените проблеми, бидејќи, во моментов тоа ги допира сите граѓани, без разлика дали некој е Македонец, Албанец, Турчин итн…, смета граѓанинот Даниел Аврамов.

Искуствата од минатите избори покажуваат дека во име на доаѓањето и на останувањето на власта се правеа договори и попуштања: се правеше амнестија по војната во 2001 година, се воведе двојазичноста на целата територија, се делеа функционерски места, се амнестираа криминали… Заради тоа сомнежите кај граѓаните се појавуваат и сега.

Приоритет е здравјето и економијата е не фотелјите

-До сега бевме сведоци како се попушта на разни полиња и како со тоа се менува карактерот на државата, како се остстапува од државните интереси. Такво нешто сега треба да запре оти одиме во крајност со која ќе се смени карактерот на државата, смета Зоран Радовиќ.

 Александар Дамјаноски пак смета дека попуштањето на СДСМ ќе се случи.

-Заев е подготвен на се само за да се спаси од одговорност. Ќе направи отстапки, но не знам какви се работи ќе даде, смета тој.

Граѓаните потенцираат и тоа дека новата влада треба да биде брзо формирана и да не се губи време. Односно, дека најважни проблеми сега се тешките последици од епидемијата на корона вирусот, но и се потешка економска ситуација, а кои наесен ќе бидат уште потешки. Епидемијата ескалира деновиве. Само на денот на изборите имаше околу 200 новозаболени и четири починати лица.

-Да не се убедуваат кој што и каква функција да добие. Здравјето и социјалната положба на луѓето се најважни за решавање, а не фотелјите. Ние сакаме да имаме стабилна и праведна држава, смета скопјанецот Миодраг Кузмановски.

Претходна вестИнсистираше на итни избори поради државата, ама сега одмор му треба
Следна вестКамениот мост е во полутемница, Чаршијата во мрак