Никогаш не сум му побарал ниту сум добил што било од Силјан Мицевски, соопшти вчера поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Во реакцијата која ја објавил на својот профил на Фејсбук Груевски категорично го демантира вчерашното сведочење на Мицевски во судскиот случај „Талир“. Битолскиот бизнисмен вчера изјави дека еднаш „лично на рака му дал на Груевски 10.000 евра“.
Никола Груевски, кој се наоѓа во Будимпешта, Унгарија, и е обвинет во овој случај напиша дека изказите на двајца сведоци не ги потврдиле наводите во обвинението против обвинетите.
-Оттука веројатно и потребата на некои партиски определени медиуми да претстават поинаква слика на нивното сведочење пред јавноста, особено за Силјан Мицевски. Никогаш додека бев премиер не сум имал средба или телефонски разговор со Силјан Мицевски, ниту некогаш сум му сугерирал нешто или некого да финансира, и никогаш не сум му побарал ниту сум добил што било од него, напиша Груевски.