Ниту една фирма не се јави за уривање на дивоградбата кај „Мавровка“

Ниту една фирма не се пријавила на огласот за уривање на дивоградбата кај трговскиот центар „Мавровка“ што го распишала општина Чаир. Од оваа скопска општина денеска за медиумите изјавија дека за денешното отворање на понудите не пристигнала ниту една пријава од фирмите кои би можеле да го извршат уривањето. Кои се причините за ова не е познато, но може да се претпостави дека е можно кај бизнисмените да се појавил и стравот од „замерувањето“ со инвеститорот кој се уште е непознат за јавноста.

Од општината Чаир најавија дека сега ќе следи распишување на нов оглас со кој фирмите ќе имаат рок од седум дена за пријавување. Постапката ќе биде повторена во случај пак никој да не се пријави на огласот. Сето ова ќе значи ново одлагање на уривањето на дивоградбата која се простира на цели 330 метри квадратни.

Откако не се најде инвеститорот општина Чаир е надлежна за уривањето на дивоградбата, но прашањето за кое веќе сега треба да се размислува е што доколку и на следните огласи не се пријави ниту една фирма?

Претходна вестНовозаразени се 88 лица, починале 6 пациенти, а 113 оздравеле
Следна вестВо седум скопски општини има повеќе од 100 позитивни на корона вирусот