Низ разговори помагаме на жени кои имаат непланирана бременост

 „ЛИДИЈА – СРЦЕ ШТО ЧУКА“

Непланираната бременост најчесто веднаш повлекува и дилема: да се роди или не зачнатото бебе? Дилемата е уште потешка ако бремената жена е останата сама со својата бременост, ако мажот ја напуштил, ако се плаши од реакциите на семејството… Тогаш, вршење абортус се јавува како една од опциите. Но, дали е тоа вистинскиот и единствен избор? Сигурно дека не, некогаш се потребни само разговори, охрабрување, поддршка за бремената жена сепак да се реши на свет да донесе нов живот, да стане мајка на детето кое ќе го расне. Поддршка за вакви жени кои запаѓаат во тешки ситуации кога ќе останат бремени веќе седум години ја дава Центарот за советување на жени со непланирана бременост и репродуктивна загуба „Лидија – Срце што чука“.

-Во Македонија сè уште постојат табу теми за коишто воопшто не се разговара. Абортусот е една од тие теми. Тоа е тајна во семејството и доста често, жената е оставена сама на себе да донесе одлука со којашто треба да живее во остатокот од својот живот. Соочувањето со непланирана бременост може да биде шок за неа и да се чувствува изолирано и осамено во донесувањето на одлуката што ќе прави со бременоста. Токму таа потреба на жените да имаат со кого да поразговараат, и истовремено да се чувствуваат прифатени, разбрани и да не бидат осудени за нивната одлука, нè поттикна да го отвориме центарот, ни вели директорката Светлана Јованова.

Во изминативе седум години неколку стотини жени биле на советување, најмладата девојка што била кај нив имала само 16 години.

-Понекогаш на жените сè што им треба е разговор и поддршка. Во моментот кога ќе се соочат со непланирана бременост, мислат дека абортусот им е единственото решение за излез од ситуацијата. Во такви моменти може да се донесе избрзана одлука. Затоа е важно да се поразговара со некого и да се разгледаат сите можности, затоа што абортусот дефинитивно не е единствениот избор што тие го имаат. Тука е изборот да се задржи бебето и да се биде мајка, но тука е и опцијата бебето да се даде на посвојување, за што за жал, многу малку се зборува и воопшто не им се нуди на жените кои се во недоумица. Голем е бројот на жени кои се откажале од намерата да направат абортус, наведува Јованова.

Во Центарот наведуваат дека е многу важно сексуалното образование да започне во домот и родителите искрено и отворено да разговараат со своите деца за сексот и за она што го носи тој чин.

-Абортусот е одлука со којашто жената треба да живее до крајот на својот живот. Депресија, гнев, вина, анксиозност, обвинување на партнерот, симптомот на годишнина, се само некои од симптомите кои можат да се јават по абортусот. Затоа разговорот или советувањето со стручно лице е навистина потребно пред да се донесе ваква одлука, потенцира Јованова.

Решавачко чувство дека не си сам

– Се сеќавам на првата девојка којашто дојде во Центарот. Целото нејзино семејство ја убедуваше дека треба да абортира, таткото на бебето ја напуштил, беше сосема сама и збунета. Дојде избезумена и очајна. Во текот на разговорот можеше да се  забележи како полека се враќа сјајот во нејзините очи… Денес, нејзиното синче е прваче. Решавачко било тоа што девојката слушнала дека не е сама…, се сеќава директорката Јованова.