Нов авион и министерство не се поважни од лекови, возила за итна помош, училишта…

Имаат ли функционерите усул при трошење на државните односно народните пари? Минативе власти се сменети оти претеруваа во тоа. Дали овие сегашниве се поарни?
A eве и едно поконкретно прашање: да се набави уште еден владин авион за кој ќе се платат 20 милиони евра и да се формира уште едно Министерство или за тие пари да се набават нови возила за итна медицинска помош, лекови, да се направи некој пат или училиште? Всушност ваква дилема е непотребна, но деновиве се наметна во јавноста по најавите на владините функционери и пратеници. Прво Томислав Тунтев, новопечениот и добро платениот директор на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, најави набавка на нов авион бидејќи постоечкиот кој има седум седишта „не може да биде авион на Влада“!? Потребен бил авион кој ќе има минимум 15 седишта, а на Тунтев не му било ниту проблем плаќањето на сметката од 15 до 20 милиони евра. Тоа можело да се плати на лизинг, како тоа да не подразбира ново задолжување и плаќање на рати од страна на народот! Потоа, група пратеници од парламентарното мнозинство предложи наместо Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, на кој му доаѓа редот за укинување, да се формира Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. А тоа значи уште едно министерство плус, нови канцеларии, нови трошоци и наместо намалување ново зголемување на административниот апарат…
Вишок пари да не има Македонија? Или има вишок на функционери кои се расфрлаат со скромните народни пари за непродуктивни работи?
– Откако го сменија името на државата се осоколија дека можат се да прават. Затворија луѓе кои купиле скап Мерцедес, а сега сакаат да купуваат триесет пати поскап авион. Безобразни се и ја злоупотребуваат кроткоста на народот, ни прокоментира аеродромецот Стефан.
Зошто тие силни пари не се потрошат за витални државни служби кои имаат потреба од подобрување? Итната медицинска помош нема доволно возила и екипи и не можат да стасаат до сите оние на кои им треба ваква помош. Набавките на нови возила постојано се најавуваат, но возилата никако не стасуваат. Ако нешто дојде, доаѓа како донација… Акции за собирање на пари за лекување на наши граѓани се постојани. Малку пари има и за набавка на лекови за ретки болести, за мерки против загадувањето…
-Тунтев вели дека владиниот авион е дотраен и треба да се набави нов. А јас велам дека болниците ни се дотраени и ни требаат нови, дека ни се дотраени патиштата, возилата за брза помош, училиштата, парковите и дека ни требаат нови, категоричен е скопјанецот Митко Теохаров.
Како и граѓаните мислат и експертите: поранешниот владин пилот Кирил Каевски е дециден дека нема потреба да се купува нов воздухоплов.
-И постоечкиот е сигурен и од таа причина не ни треба нов, смета тој.
Ново Министерство, пак, се предлага во ситуација кога актуелниот премиер Зоран Заев во изборната кампања ветуваше дека граѓаните ќе добијат ефикасна администација, дека нејзината превработенос ќе се решава со насочување на вработените кон јавните сервиси и слично… нови министерства тогаш не се спомнуваа…
Излегува дека сето ова е само аздисаност бидејќи здравиот разум налага парите на граѓаните да се трошат онака како што е најпотребно.
Вака ли Македонија ќе стане Швајцарија?
Вистина е дека властите ни најавија дека Македонија ќе стане Швајцарија, ама зарем мислеа во трошењето да станеме како алпската држава? Иако дури и во богатата Швајцарија не се расфрлаат со пари непотребно, коментираат скопјани.