Нов споменик на негрижата и јавашлукот сјае во „Жена парк“

Сте биле ли скоро во некогаш популарниот „Жена парк“ кој е мала оаза меѓу ГТЦ и парламентот? Ние од редакцијата бевме и видовме дека оазата е преполнета со споменици, а многу од нив се ептен запуштени. Оној најголемиот, Споменикот на паднатите херои за Македонија е и најзапуштен. А тој е релативно нов.

Белиот мермер не е веќе така бел, па се повеќе наликува на запуштен објект од кој секој дигнал раце. А тоа е обележјето за оние кои ги жртвувале своите животи за татковината.

На секој од триде дела на компзицијата од споменикот направен во 2012 година и кој чинел 1,7 милиони евра се забележуваат оштетувањата. На првиот дел кој го симболизира „Светот на живите“ веќе се гледаат оштетувањата на скулптурата на Прометеј, додека вториот дел  – на кој е претставен преминот помеѓу светот на живите и светот на вечноста – е во исклучително лоша состојба. Електричните светилки долж патеката се речиси сите оштетени, искорнати од лежиштата не функцинираат, патеката е потемнета, а мермерот на повеќе места оштетен. Третиот дел каде е Светот на вечноста веќе претворен во депонија во која доминира со години изгаснатиот вечен оган кој веќе никој нема намера да го поправи и е оставен да пропаѓа. Долниот дел од ротонда, пак, е центарот на депонијата во која се трупа валкана вода, шишиња, фрлени хартии и кои никој не ги чисти…

Очигледно е дека споменикот во кој до 2016 година  редовно се прославуваше Денот на независноста е оставен на заборавот и дека пропаѓа. Патем, за одржување на овие споменици и фонтани постои договор меѓу Градот Скопје и општина Центар, потпишан од претходниците на актуелните градоначалници. 

Можеби идеата е да имаме нов споменик – на негрижата и јавашлукот иако тоа го гледаме насекаде во Скопје.

Претходна вестСтрушки вечери на поезијата во пандемски услови, лауреатот Амир Ор ќе дојде следната година
Следна вестПриведен тинејџерот што се фалеше на „Тик-Ток“ дека потпалува шуми