Нов вандализам: Искорната и украдена бистата на хероината Невена Георгиева – Дуња

Нов вандализам и кражба на спомен-обележјата во Скопје. На мета на се уште непознати крадци и вандали викендов се најде бистата на младата хероина Невена Георгиева – Дуња. Нејзиното спомен обележје – биста е искорнато и украдено од дворот на училиштето коешто го носи нејзиното име во скопската општина Кисела Вода. Постаментот е оштетен, а искршени се и плочките на коишто беше поставена бистата.

Се уште не е познато кој стои зад ваквиот вандализам.

Бистата на хероината од Народноослободителната војна Невена Георгиева – Дуња беше поставена во декември 2019 година, по повод на одбележувањето на 55-годишнината од основањето на ова основно училиште. Се работеше за нова биста откако претходната беше, исто така, украдена во 2016 година.

Невена Николова Георгиева-Дуња, познато е, со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија. Таа загинала во судир со бугарската полиција на 16 декември 1942 година во велешко Нежилово. Откако тешко ја раниле, го масакрирале нејзиното мртво тело, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот македонски народ кој се кренал против фашизмот. За да предизвикува страв на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.

Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“.

Во нејзина чест, две основни училишта, во Кисела Вода и Нежилово, го носат нејзиното име.

Неодамна, претседателот на државата Стево Пендаровски додели постхумно одликување за Невена Георгиева – Дуња коешто го примија членовите на нејзиното семејство.

Сега останува да видиме дали претседателот ќе се заземе околу побрзо решавање на овој немил настан. На вандалите некој мора да им застане пред пат. Тоа го заслужуваат хероите, тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија кои ги плаќаат сите државни служби за да нема насилство, вандализам…

Претходна вестСончево и посвежо со северен ветер
Следна вестВерувале или не, Ковачевски и Мицкоски ќе разговараат за енергетската криза