Нов весник – „Македонско Ехо“ – по Скопје и Македонија добива бесплатен неделник

Денеска низ Македонија почнува да се дели првиот број од бесплатниот неделник „Македонско Ехо“. Кога мноштвото „познавачи“ велеа дека печатените медиуми во државата се во страшна криза, излегува од печат сосема нов весник кој го издава редакцијата што пет години го прави веќе етаблираниот неделник „Скопско Ехо“.

-Оправданоста и успешноста на првиот проект го повлече и новиот потег за правење на нов весник. Стимул да го направиме „Македонско Ехо“ е и барањето на нашите читатели кои ги следеа 175-те броеви на „Скопско Ехо“ кое низ Скопје бесплатно е поделено во 4,7 милиони примероци, стои во соопштението од редакцијата.

Како и во случајот со „Скопско ехо“, кое и натаму продолжува да излегува, така и „Македонското ехо“ ќе биде демократска трибина и пологон за изнесување на проблемите, мислењата, предлозите и ставовите на граѓаните за најактуелните централни и локални теми во Македонија.

-Ова е медиум каде просторот пред се е резервиран за зборување на граѓаните, а не за политичарите. Впрочем целта е: „Ехото на граѓанинот да биде посилно од гласот на политичарите“, се наведува во соопштението.

Првиот број од неделник е испечатен во 45.000 примероци и ќе се дели бесплатно низ целата држава и тоа нa плоштади, во поштенски сандачиња како и во над 300 локации во разни маркети и трафики.

И осмислувањето и уредувањето на овој весник го започна новинарот Антонио Спасев кој до пред еден број го раководеше и „Скопско Ехо“, а во редакцијата се и досегашните главни соработници Бранко Ѓорѓевски и Антон Власов.

Претходна вестДосега целосно сме вакцинирале околу 10 отсто од населението, СЗО вели треба 70
Следна вестНе ги затемнувајте стаклата на колите ако не сакате да плаќате казни од 300 евра нагоре