Нова најава за реконструкција на Универзална сала

Скопјани пак добија ветување дека ќе се направи Универзална сала. Следната недела изведувачот ќе продолжи со реконструкцијата на Универзална сала, најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Она што останува да се направи, како што вели министерската, е да се потпише договорот за банкарска гаранција и со тоа процесот да биде затворен.

-Веќе следната недела изведувачот ќе почне да го расчистува објектот и да гради, затоа што ги имаме парите, ги обезбедивме и ги завршивме сите потребни процедури и крајно време е таму да започне работата. Но, ни на крај памет на мене како министерка, а верувам ниту на граѓаните не им беше дека за еден ваков проект, којшто навистина не треба да биде предмет на некакво препукување, најмалку на политичко, ќе треба да молиме за целосна документација, додаде Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција во Владата во одговор на новинарско прашање.

Костадиновска-Стојчевска се осврна и на процедурата што Министерството за култура ја поминало за да ја добие документацијата од Град Скопје и вели дека таа ода веќе е завршена.

Според министерката, поминале еден интересен период во однос на примопредавањето на документацијата со Универзалната сала. Таа вели дека четири пати ургирале до градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје и до градските служби, откако претходно виделе дека нема никаков одговор.

– Слушнавме разноразни изговори од сите вклучени чинители, дека не смеат документи да ни дадат и дека тоа е некаков проблем. Цело време молевме, не убедувавме, да ни се предаде комплетна документација затоа што и нам, како Министерство за култура, ни следуваат рокови, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Министерството за култура, предвреме, кога добиле зелено светло дека ќе ги добијат документите, а и кога веќе ги добиле иако некомплетни, побарале пари во буџетот за 2024 година.

– Обезбедивме тригодишно финансирање за да нема прекин во процесот на реконструкција бидејќи ова е нешто за кое не смееше да има никакво одолговлекување и Универзална сала досега веќе требаше да биде функционална. Преку Министерство за правда и преку сите релевантни чинители, кои биле вклучени во тој момент кога проектот се направил, упативме ургенции и ги собравме сите релевантни документи по подолгиот и потешкиот пат, рече Костадиновска-Стојчевска.

На 20 јули минатата година, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.

Ќе биде ли направена конечно салата?

Претходна вестПознат распоредот на Македонија во Лигата на Нации
Следна вестАртан Груби со порака до директорите: Не прифаќајте никакво решение од министерот Фатмир Меџити