Нова рунда преговори меѓу Белград и Приштина денеска во Охрид

Премиерот Ковачевски денеска ќе биде домаќин на средбата на високо ниво во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, која ќе се одржи во Охид.

Состанокот кој го свика високиот претставник на ЕУ, Џозеф Борел, ќе започне во 10.00 часот и ќе се одржи со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.

Како што соопштија од прес-службата на Европската унија, прво ќе се одржат одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти, една по друга, а потоа заедничка трилатерална средба.

Претседателот на Србија во четвртокот вечерта изјави дека денешниот ден во Охрид нема да биде кобен. Тој зборуваше и за европскиот план, и рече дека не планира ништо да потпише.

Тој, исто така, рече дека Белград сè уште не добил нацрт за тоа што сака ЕУ.

– Ние го доставивме нашиот предлог, Албанците го доставија својот, од Брисел се уште ништо не сме добиле – рече тој.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Борел рече дека очекува средбата во Охрид да резултира со далекусежна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Тој рече и дека патот до постигнување на целта, приклучување на Белград и Приштина во Европската унија, води низ нормализација на односите и дека „нема начин да се заобиколи“.

На 27 февруари во Брисел се одржа средба на највисоко политичко ниво на која учествуваа сите кои денеска се во Охрид.

Разговорите траеја повеќе од пет часа и, како што рече потоа Борел, Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог, дека тоа е рамка за нормализација на односите и дека се потребни дополнителни разговори.

Пред официјалниот почеток на дијалогот, премиерот Ковачевски ќе се сретне со шефот на европската дипломатија, Џозеф Борел и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, а потоа одвоено ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Аљбин Курти.

Во рамките на подготовките за средбите, Ковачевски вечерва ќе се сретне со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриела Ескобар и со амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер.

Претходна вестПрекинато водоснабдување во делови од општина Кисела Вода
Следна вестСДСМ: Ковачевски обезбеди помали сметки, а поголеми плати и пензии