Нови пукања во САД: Маж уби две жени на паркинг пред црква во Ајова, две лица ранети на гробишта во Висконсин

Две лица вчера се убиени од маж кој потоа се самоубил на паркингот пред црква во американска држава Ајова,а две лица ранети во нападот од се уште непознат напаѓач во државата Висконсин.

Пукањето во Ајова се случило пред црквата Корнерстон, фундаменталистичка христијанска црква источно од градот Ејмс, додека траела богослужбата, а кога полицијата пристигнала на местото, пронашла тројца мртви, велат од канцеларијата на шерифот.

Во меѓувреме, две лица се ранети во второто пукање во четвртокот на гробиштата во Рајсин, Висконсин, кога напаѓач испукал неколку истрели кон луѓето кои присуствувале на погреб, соопшти полицијата.

Едната жртва била пренесена во локалната болница и пуштена, а другата е префрлена во болница во Милвоки, при што се здобила со сериозни повреди, изјави претставник на полицијата, истакнувајќи дека сè уште се трага по напаѓачот.

Ова се нови напади по неодамнешните кога во одвоените напади на вооружени поединци загинаа 10 Афроамериканци во северниот дел на Њујорк, 19 деца, двајца учители и двајца лекари во Тексас, рецепционер и пациент во Оклахома.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера го повика Конгресот да го забрани офанзивното оружје, да ги заостри процедурите за лиценцирање и да спроведе други мерки за контрола на оружјето за да се реши проблемот со масовните престрелки.

Претходна вестНапуштањето на татковината веќе не е семејна драма
Следна вестАлармантно: Повторно загина пешак на улица