Новковска: Во пописот фалат 100.000 домаќинства

Попишувањето во Македонија заврши. Целта е со него да се расчистат многу дилеми и нејаснотии кои се натрупаа последниве 20 години откако последен пат имаше попис на населението и домовите во државата. Дали се успеа во целта? Надлежните уверуваат дека успеале, но многумина граѓани и една партија („Левица“) искажуваат сомнежи.

Неуспешноста на пописот е видлива. Ова го посочува и долгогодишната поранешна директорка на Државниот завод за статистика, доц. д-р Благица Новковска. Таа синоќа преку Фејсбук посочува:

-Премиерот кажува 1% не биле попишани, а директорот ,,скромно“ кажува дека се само 1 ‰. Секако директорот кажува помалку зашто тој треба да е успешниот ама и тој треба да допишува и пополни. Но, за оние кои разбираат статистика и можат да направат анализи и проценки, не се попишани повеќе од 350.000 лица -државјани, а и повеќе од 100.000 домаќинства фалат, напишала Новковска.

Во својот текст таа ги потсетува властите дека сами ги погазиле меѓународните препораки и стандарди за пописите и создале своја методологија според свој закон.

-Единица на попишување им беа државјаните, а единствена споредлива база им е избирачкиот список. Спасот од промашувањата сега го вртат кон Пописот 2002??!! Немојте, ефтин трик е. Не можете да споредувате неспоредливи работи. Тогаш се попишуваа граѓани на Република Македонија според меѓународните стандради и препораки за пописите, а сега евидентиравте државјани на Република Северна Македонија според Ваша методологија и дефиниции, потенцира поранешната директорка.

Инаку, пред некој ден Новковска во неколку фејсбук-објави посочи и дека Пописот всушност бил турбо собирање на единствени матични броеви и дупло попишување, за што изрази чудење дека не реагирале европските земји.

 

Претходна вестЗа кампањите се трошат многу пари, а често гледаме евтини ветувања
Следна вестСончево време, од среда дожд