Новогодишен концерт на „Танец“, уживање во изворни бисери и кореографии

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и годинава традиционално ја заокружува исклучително успешната концертната сезона, со ексклузивен новогодишен концерт. Концертот ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот во Националната опера и балет.

Публиката ќе може да ужива во познатите сценски постановки „Кумановка“, „Лазаренки“, „Беранче“, „Раштак“, „Црногорка“, „Пијанец“, „Рудо јагне“, „Калајџиско“ и во изборот на композиции од раскошниот вокално-инструментален репертоар на „Танец“.

Зад „Танец“ се голем број концерти низ земјата, но и во САД, Канада, Словенија, Хрватска и Србија. Се свиреше, пееше и се играа изворни бисери, комплексни кореографски постановки, но се изведуваа и нови фузии, кои донесоа громогласни аплаузи и стоечки овации, секаде каде што „Танец“ се претстави.

Затоа за „Танец“ новогодишниот концерт е своевидна круна на неверојатната година и изобилува со раскошна музичко-сценска програма, во која ќе учествува целиот ансамбл. На репертоарот се атрактивни кореографски постановки и богат опус од вокално-инструментални композиции од над седумдеценискиот легат на ансамблот.

Во него е вклучен и специјален сплет на ора со кои „Танец“ со пиетет ќе се сети на еден од музичките великани кои придонеле кон растежот на ансамблот, виртуозот на кларинет и музички автор, Тале Огненовски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Како и секогаш, „Танец“ ќе и подари на публиката и точка-изненадување, овој пат заедно со учениците од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, кои беа учесници на првата „Летна академија ТАНЕЦ“, одржана од 13 до 18 јуни во Охрид.

Во пресрет на концертот, НУ Танец заедно со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, организира изложба, на која ги претставува студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за НУ Танец, со соодветна концертна сала, што е седумдесетитригодишната желба на ансамблот за дом по мерка на неговите потреби и по заслуга на неговите успеси.

Претходна вестЕвролигата подготвува промени, 24 екипи во две конференции
Следна вестПоведена дисциплинска постапка против Вилма Русковска