Нуредини: Најверојатно оваа зима ќе има зголемување на аерозагадувањето

Најверојатно оваа зима ќе има зголемување на аерозагадувањето, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тој упати апел до граѓаните да водат грижа, како ги загреваат домаќинствата, односно да не користат материјали кои ја загадуваат животната средина.

-При загревањето на домовите граѓаните да не користат материјали кои ја загадуваат околината. Граѓаните можат  да се греат со дрва и пелети, кои се според стандардите, а не со материјали кои при согорувањето испуштаат штетни материи, кои прво го загадуваат домот, а потоа и околината. Јас разбирам дека е тешко време, но апелирам до сите да внимаваме со што се грееме, колку грееме и да бидеме енергетски поефикасни, рече тој.

Министерот рече дека ќе се внимава при увозот на мазут и јаглен.

-Ние ќе увеземе мазут и јаглен, најмалку што бараме е да се почитуваат стандардите за мазутот и јагленот што ќе го увезуваме. Свесни сме дека институциите – болници, градинки, училишта… се најголемите загадувачи. Најверојатно оваа зима ќе има зголемување на аерозагадувањето, потенцираше Нуредини.

Тој истакна дека за жал ова не е ситуација само кај нас, туку во цела Европа и рече дека проблемот е што ние 30 години не сме инвестирале во енергетика во државата.

Претходна вест„Газпром“: Запрено истекувањето на гасот од гасоводот „Северен тек“
Следна вестКовачевски им раскажа на студентите за НАТО, ЕУ…, а Тупанчевски ги подучи да брзаат – бавно…