Обдукцијата заврши, истрагата за пожарот продолжува

Заврши обдукцијата на телата на 14 починати лица во пожарот во модуларната болница. Обдукција била направена и на 20 годишна девојка во рамките на овој случај, која не е жртва на пожарот. Станува збор за 8 пациенти кои се жени и 6 мажи, на возраст од 29 до 79 години.

Како што изјави  директорот на Институтот на судска медицина, Александар Станков, извештајот ќе биде изготвен до крајот на денот и ќе биде предаден на Јавното обвинителство.

Лекарите на судска медицина по 48 часа заклучиле дека смртта кај сите 14 пациенти е предизвикана од последиците од пожарот.

20-годишната пациентка која болувала од целебрална парализа за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот, починала од последици од ковид. Нејзиното тело било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на Обвинителството била извршена за точното утврдување на причините за смртта, при што се констатирало дека настанатата смрт не е последица од пожарот.

Tелата на жртвите веќе се земени од Институтот за судска медицна и се однесени до местата каде што ќе бидат погребани.

Обвинителството ги потврди информациите дека меѓу загинатите имало и две надворешни лица – сопруга на пациент и ќерка на пациентка. За нив дополнително треба да се утврди во кое својство биле во болницата, како придружба на родителите или во моментот на пожарот влегле внатре во болницата за да им помогнат.

Според соопштението од Министерството за здравство во моментот на пожарот во модуларната болница имало 26 пациенти, 14 загинале, а останатите 12 се префрлени на лекување во тетовската болница. Од Министерството велат дека во пожарот нема настрадани здравствени работници, но социјалните мрежи оваа информација ја демантираат.

Причините за пожарот и понатаму се утврдуваат. Ангажирано е вешто лице од областа на електротехниката, чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот.

Обвинителството издаде наредба на СВР-Тетово да се одземе целокупната документација за изградбата на модуларната болница, од самата болница како и од изведувачот на изградбата.

Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната болница ноќта кога е избувнал пожарот а се сослушуваат и други лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар.