ОБСЕ/ОДИХР: Изборите вчера покажаа дека треба суштински реформи на законите

Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ денеска оцени дека локалните избори вчера минале во натпреварувачки дух, со почитување на основните слободи, но се гледа дека има потреба од суштински реформи во однос на изборното законодавство.

Шефицата на набљудувачката мисија на ОДИХР, Тана де Зулуета, на денешната прес-конференција рече дека бројните празнини во Законот и законските измени направени непосредно пред денот на изборите ја поткопаа правната стабилност и најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампањата.

Во однос на воведувањето на биометриска идентификација на гласачите за овие избори, оценката на набљудувачите е дека тоа е позитивна мерка за спречување на измама, но недостасувал пилот проект или сеопфатно тестирање.

-На самиот ден на изборите се забележани чести проблеми со уредите за идентификација. процесот на отворање и гласање беше позитивно оценет низ целата земја, но се забележани проблеми како што се групно гласање, како и процедурални грешки при пребројување и сумирање на резултатите, велат набљудувачите.

Забелешката во однос на измените на изборното законодавство е дека тие се усвоени само еден месец пред изборите без јавна дебата и консултација што не е во согласност со меѓународната добра практика.

Во однос на реториката во кампањата нотирано е дека и покрај активната и генерално мирна изборна кампања дебатите базирани на прашања биле засегнати од зголемената негативна реторика која особено била насочена кон кандидатките. Родовата еднаквост и правата на жени во голема мера отсуствуваа од партиските кампањи во кои жените исто така останаа недоволно застапени. Иако околу 45 проценти на листите за советници беа жени, само осум проценти од кандидатите за градоначалници беа жени кандидати.

Набљудувачите исто така забележале и изолирани случаи на заплашување на кандидатите, како и наводи врз притисок на кандидати да се повлечат и случај на купување гласови.

Набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти и вкупно 165 набљудувачи од 29 земји.

Претходна вест19 починати за 24 часа и уште пет од претходно, нови 107 заразени
Следна вестВо Советот на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ со 25.828 гласа