По целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против едно лице за пет кривични дела – Малтретирање во вршење на службата од член 143, како и кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик
Обвинетиот, во периодот од септември 2023 година до 24.10.2024 година, како службено лице – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, во службените простории и при вршење на службата опфатена со чл.25 ст.1 од Законот за јавното обвинителство, во текот на работното време, се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.
Користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од 6-ти кат“, „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Дел ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓу себе и со други вработени.
Оштетените, неможејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство со понижувачко постапување од обвинетиот, се обратиле писмено до Јавното обвинителство на РСМ, до Советот на јавните обвинители на РСМ и до Основното јавно обвинителство Скопје, со барање за преземање на итни мерки во врска со постапувањето на обвинетиот и за нивна заштита.
Откако обвинетиот дознал за писмената на оштетените, ги повикал насамо, секоја поединечно во неговата канцеларија, каде продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани. Притоа, им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места. Откако ќе одбиеле да потпишат таква изјава им поведувал дисциплински постапки и ги прераспоредувал на работни места во обвинителството.
Кога две од оштетените веќе не можеле да го издржат континуираниот притисок и закани, чувствувајќи страв напишале изјави со содржина по негово барање, обвинетиот како службено лице – Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје презел службени дејствија со кои ги пречекорил границите на своите службени овластувања утврдени Законот за јавното обвинителство и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, а со намера потешко да им ги повреди правата на оштетените. Без одобрение за нивно понатамошно поднесување до институцијата, тој ги заверил личните изјави доставени во неговата канцеларија со приемен печат на ВЈО Скопје, па на 16.10.2024 година, на сите им доставил писмени барања за јавно извинување и јавно повлекување во рок од 48 часа. Иако барањата биле лични и самиот ги поднесувал со цел да направи психички притисок врз оштетените, истите ги завел со Резолуција „А“ во Уписникот „А“ на ВЈО Скопје, спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства.
На 24.10.2024 година, обвинетиот одржал состанок со сите вработени од јавнообвинителската служба, каде што пред сите нив, продолжил со психичкиот притисок кон оштетените, на начин што ги изнесувал наводите од нивното барање, ги исмевал и ги понижувал пред останатите. Потоа, повторно користејќи ја неговата надреденост во службата, побарал од сите вработени кои не биле потписници на писменото барање за преземање на итни мерки, да напишат своерачни изјави во кои ќе го опишат „каков е тој како шеф“.





