Од 22.050 невработени во Скопје само шестмина се јавиле на конкурсот за обука на оџачари

Проблемот со невработеноста во Македонија има повеќе лица. Едното од нив е фактот дека и покрај тоа што на евиденцијата на Агенцијата за вработување во септември годинава како невработени се водат вкупно 112.464 лица, во Македонија се уште има многу непополнети работни места. На веб-сајтот на Агенцијата може да се прочита податок дека во земјава има дури 8.156 слободни работни места, односно, компаниите бараат, но никако не можат да најдат работници. А профили коишто се потребни се најразлични – продавачи, возачи, техничари од разни струки, информатичари, келнери… Сепак, никој од вработените како да нема амбиции и желба да се вработи на овие работни места за кои преквалификациите не би биле преголем проблем.

Таква е и приказната со потребата за оџачари во Скопје. Во август годинава во рамки проектот “Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје”, Град Скопје го распиша Јавниот повик за избор на кандидати за бесплатна настава и обука за оџачари. Се работи за проект финансиран од Министерство за економска соработка и развој од СР Германија, а се реализира во соработка со збратимениот град Нирнберг. Обуката ја спроведуваат верификувани и сертифицирани обучувачи од СГГУГС „Здравко Цветковски“ и искусни оџачари од Германија при што наставата и обуката се реализираат во период од 3 месеци и истата вклучува теоретска настава и практична обука во реални услови во Скопје и во Милбах.

Меѓутоа, и на тој повик се пријавиле само шест кандидати. А досега, преку вакви јавни повици, се обучиле само 25 оџачари иако потребите се многу поголеми. Колку за илустрација во Скопје има 22.050 невработени лица од кои повеќе од 10.000 се мажи. Но, ете, и шансата да станат оџачари и на таков начин да си ја обезбедуваат егзистенцијата, не е доволна…

Претходна вестПијан кумановец претепан и ограбен од 23-годишен велешанец
Следна вестЗапленети екстази и дрога со вредност од 200.000 евра