Од денес во Битола „Локум фест“

Петнаесеттото издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ ќе се одржи од денеска до 24 јули во Битола.

Фестивалот ќе започне денеска со настапот на Влатко Стефановски трио на Хераклеја, потоа, утре, во Пацио-НУ Завод и Музеј, ќе настапат дуото на Драган Даутовски и неговиот син Ратко Даутовски кои ќе го промовираат албумот Apocalipticum.

Третата вечер, 24 јули, е распослана на Широк сокак и старата битолска чаршија, насловена како „Распеана чаршија“. Започнува во срцето на старата битолска чаршија на истото место каде што овој фестивал и започна, пред „Малиот битолски Монмартр“ со „Приказни од чаршијата“ , и настап на легендарните КУД „Илинден“, како  и изложбата „40 години  Мал битолски Монмартр“ за да продолжи на неколку локации со настап на чалгиски ансамбли и дополнителни соддржини.

– Со  овој концепт имаме намера да ја раздвижиме старата битолска чаршија почнувајќи од Широк сокак – Магнолија, пешачката улица покрај реката Драгор, како и неколку локации во самата чаршија. Оваа трета вечер се подготвува детално во соработка со дуќанџите и Регионалната занаетчиска комора Битола и неформалната група „Стара битолска чаршија, информираат од организацијата.

„Локум фест“ е фестивал кој започна во 2007 година во старата битолска чаршија. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречека комшијата, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултуикултурност, средба помеѓу културите. Всушност една од главните функции на Фестивалот е преку различните музички форми, традиционални и стилизирани, чалгија, fusion, world music, да се покаже сиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола.