Од паркинзите би ги отстранил сите нерегистрирани стари возила

Фризерoт Ненад Горневски одговара на прашањето – кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје…

1. Ослободување на паркинг местата

Би донел закон сите возила над 15 години старост кои во континуитет од минимум 3 години не се регистрирани да можат да се одземат и да се отстранат од јавните површини. Така би ослободил многу паркинг места од стари хаварисани возила. Со закон би уредил и секоја нова зграда да има подземна гаража која би била врзана со станот, да не може едно без друго да се продаде.

2.Подобра хигиена

Хигиената во некои делови од градот е на многу ниско ниво, за тоа се и самите граѓани виновни. За таа цел би ангажирал многу повеќе комунални редари со овластувања да легитимираат и казнуваат. Би вработил и многу повеќе одржувачи на хигиена, освен низ центарот на градот, јас не сум видел на друго место вработени од КХ – Скопје. Да не се општинските сезонски работници, градов ќе потоне во ѓубре.

3.Промена на финансирањето

Веднаш би препорачал да се смени законот за финансирање на општините. Познато е, според него, 70 отсто од општинските буџети потекнуваат од комуналиите што ги плаќаат инвеститорите за најразлични градби. Само така може да се стави во нормала ова ненормално градење на секој чекор во последниве 20 години што ни се случува во општината и пошироко во градот.