Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека во земјава ќе се воведува трета доза вакцина. Станува збро за вакцината „Фајзер“, без разлика со која вакцина претходно се вакцинирале граѓаните и без разлика дали претходно се вакцинирале во друга држава.
Препораката за трета доза, според Филипче, е за граѓаните над 60 години, кај здравствените работници и кај сите пациенти со имунокомпромитирани состојби. Третата доза вакцина ќе се прима најмалку 6 месеци по примената втора доза.
Процесот ќе почне од понеделник, а граѓаните од овие категории преку системот „Мој термин“ ќе добијат СМС-порака дека можат да ја примат третата доза вакцина.
-Согласно сознанијата, таа треба да биде од производителот „Фајзер“, а ќе видиме понатаму дали ќе има препораки од други производители, изјави Филипче.
Тој најави дека ќе стигне и донација од 250.000 дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“ од Данска, која се дава во една доза, со рок на траење до 2023 година.
Тој изјави дека засега 37 проценти од населението во државата има примено барем една доза вакцина.