Од среда основците во Аеродром пак ќе имаат топол оброк

Учениците во Аеродром од идната недела ќе го добиваат школскиот оброк. Имено, општина Аеродром ги извести родителите на учениците од основните училишта на територијата на општината дека е изнајдено решение и учениците од среда ќе почнат да добиваат топол оброк.

Градоначалникот Златко Марин се сретнал со директорот одговорен за спроведување на набавката за исхрана на сите училишта, при што бил известен дека е избрана фирма за подготовка на топол оброк за учениците.

Останува и истата цена. Инаку, претходно од Управата за јавни приходи е добиено известување дека данокот оваа година ќе изнесува 18 отсто, за разлика од минатата година, кога родителите плаќале по 5 отсто, така што цената за топол оброк ќе биде зголемена.

-Донесов одлука разликата во цената да се субвенционира од општинскиот буџет за 2020 година, што значи дека и оваа година родителите ќе плаќаат иста сума како и минатата година, односно 1 500 денари месечно, изјавил градоначалникот Марин.

Градоначалникот не дал објаснување зошто се случи да ветува поквалитетна храна за сите дечиња, а наместо тоа извесен период да не добиваат никаква.