Од утре ќе се издаваат нови лични карти

Нови лични карти на кои ќе биде впишано новото име на државата Северна Македонија од утре ќе може да подигаат граѓаните. По застој во издавањето причинет со блокадата на законските промени во македонскиот парламент, печатењето е овозможено откако Владата завчера со подзаконски акт овозможи да продолжи издавањето на личните документи. Нови лични карти со новото име на државата и согласно законот за употреба на јазиците ќе добијат над 40 илјади граѓани кои чекаат два месеца.

Од МВР соопштија дека е најдено адекватно решение.

-Станува збор за подзаконски акт кој што министерот има право да го донесе соогласно постојниот Закон за лични карти, затоа и се бараше правна и законска солуција за да се изнајде најадекватното решение. Ние немаме тука друга промена освен издавање на лични карти со новото уставно име и согласно Законот за употреба на јазиците, велат од МВР.

Старите лични карти на кои сè уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека ова е кршење на Уставот и на законите.

-После промената на власта во Македонија, која ќе се случи после претстојните локални избори, ќе следи одговорност, изјави вчера потпретседателот Александар Николоски.

Претходна вестСончево со мала облачност и слаб ветер
Следна вестОд Кабул синоќа се вратија 31 македонски државјанин, на транспорт чекаат уште 58