Од утре поскапуваат цигарите, пурите, витамините, антидепресивите…

Витамините, цигарите, антидепресивите од утре ќе се продаваат по повисока цена со стапувањето на сила измените и дополнувањата на Законот за акцизите коишто Владата ги донела минатата недела а ќе важат од 13-ти октомври. За 5 денари по кутија поскапуваат сите цигари, а поскапо ќе се продаваат и пурите и цигаросите, како и електронските цигари.

Во петок исто така ќе поскапат околу 500 суплементи, меѓу кои витамините за трудници и додатоците на исхрана неопходни за раст и развој на доенчиња и деца. Листата производи чие ДДВ се зголемува од 5 на 10 отсто ќе биде објавена денеска, а ќе стапи на сила веќе следниот ден. По повисока цена ќе се продаваат сите мултивитамински препарати, кои содржат витамин Б, Д и Е, магнезиум, витамин Ц од 1,000 милиграми, препарати за поддршка на работа на црниот дроб, простатата, очите, кесички со електролити за дехидрација, пробиотици, додатоци за вознемиреност или несоница.

Само со заголемување на акцизата Владата планира во буџетот да собере 13 милиони евра. За пушачите ќе има нов удар по Нова година кога акцизата дополнително ќе се зголеми за 0,23 денари по парче, или нови 5 денари. Согласно законот, секој 1 јануари во наредните 6 години, односно до 2030 акцизата ќе зголемува.

Со поскапувањата ќе се зголемат трошоците за живот, предвидува и ММФ во најновиот извештај. Наспроти очекувањата на власта дека инфлацијата до крајот на година ќе достигне 5, 6 отсто, Меѓународниот фонд прогнозира 10 процентна инфлација, што е меѓу највисоките во регионот. Поголема, над 12 отсто ќе има само Србија.

Претходна вестАрсовска бара да се донесе законот за комунална полиција на Градот Скопје
Следна вестЗаталкано зрно оштетило паркирано возило во скопски Сарај