Угостителските објекти кои имаат тераси ќе можат да почнат утре со работа со исполнување на препораките за дистанца и заштитна опрема. Нивното работно време ќе биде до 20 часот, информира денеска Крешник Бектеши, министер за економија. На прес-конференцијата тој додаде дека останатите угостители ќе можат да отворат подоцна, откако ќе се види како ќе се почитуваат препораките.
Протоколите за работа на угостителите, кои засега не се објавени јавно, биле изготвени на вчерашната седница на владата и претрпеле сериозни измени од оние кои првично биле доставени до Комората на угостители. Извесно е само дека на една маса нема да можат да седат повеќе од четири лица.
Бектеши рече дека не се точни информациите дека повеќе од двајца посетители седнати на една маса мора да бидат од исто семејство.
– Одлуката е само за отворање на тие угостителски објекти со надворешни тераси. Според протоколите, ќе се гледа на начинот на организирање на просторот и дезинфекцијата, како и однесувањето на клиентите и дистанцата на масите од 10 метри квадрати. Што се однесува до членови на семејства или не, нема таква одлука за тоа, рече Бектеши.
Работата во затворените делови и во угостителски објекти кои немаат тераси ќе се регулира во наредната фаза.