Од „Вардариште“ би направил забавен и рекреативен парк

Професионалниот возач Горан Илиев одговара на прашањето – кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје.

 1.Нов лик на старата депонија

Поранешната градска депонија „Вардариште“ е болна точка за градот. Тони и тони смет се наоѓаат наталожени таму, а се работи за огромна површина. Таа сега е сосема оставена сама на себе и, за жал, се уште се користи како претоварна депонија. Но сепак, тоа е се уште депонија. Да не зборам какви се опасности носи овој простор во ваква состојба. Време е тој еднаш да се уреди и јас тоа би го направил. Имаше проекти и анализи за тоа а јас би се определил таму да биде еден забавен и рекреативен парк за граѓаните од овој дел на градот. Со тоа овој дел од градот би добил сосема нов лик.

 2. Нов мост во Ново Лисиче

Блиску до оваа локација би направил мост кој би ја поврзувал новата рекреативна зона и населбата Ново Лисиче. Со него, и граѓанит еод оваа голема населба би можеле да имаат пристап до паркот. Освен тоа, со мостот ќе се растовари сообраќајот на булеварот „Србија“ што води до клучката „Дијамант“, а таа сообраќајница би ја споил и со обиколницата до населбата „Илинден“.

3.Триолејбуси за градски превоз

Би размислил за друго алтернативно решение со јавниот градски превоз бидејќи трамвајот е скапа инвестиција. Би одел на тролејбуси кои се многу еколошки, а и не е потребна голема инвестиција. Потребна е само електрификација. За превозот на патници би вовел уште нови линии со што граѓаните би се возеле понормално и на тој начин би се откажувале од користењето на автомобилите. Со тоа би се намалила и гужвата по градот.