Одбележана 41 година од смртта на маршалот со носталгија за Титовите времиња

На денешен ден пред 41 година во Љубљана почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито. Почина на 4 мај 1980 година, во 15.05 часот, во Клиничкиот центар во Љубљана, три дена пред својот 88-ми роденден.

Иако поминаа 41 година од неговата смрт, Тито и ден денес е личност околу која луѓето дебатираат, се расправаат, но и најголемите критичари на неговото дело признаваат – дека тој беше голем лидер, еден од великаните на 20.век.

Сеќавање за Тито се одржуваат во сите поранешни ју-републики, а во некои медиуми и денес со носталгија пишуваат за „времињата кога народите и народностите од Вардат до Триглав малку од повиоско гледаа на пример кон Полјаците, Романците или Бугарите… но тие времиња за жал се одамна минато“. Како што е минато и паролата од едно друго време: И по Тито – Тито.

Тито беше примен во болницата во јануари поради проблеми со циркулацијата, а пред смртта му беше ампутирана ногата, на што не се согласуваше додека беше свесен. Веќе од средината на февруари беше во вештачка кома.

-Умре другарот Тито. Тоа вечерва им го соопштија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија на работничката класа, работните луѓе и граѓаните, народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“, гласеше веста што одекна низ целиот свет.

Ковчегот со Титовите посмртни останки пристигна следниот ден со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб, во Белград. Три дена подоцна, на погребот дојдоа 700.000 луѓе. Беа присутни 209 државни делегации од 128 земји во светот. Тоа беше најпосетениот погреб на еден државник во 20 век.

Тито беше погребен во Куќата на цвеќето на Дедиње, каде што од 2013 година покрај него почива и неговата сопруга Јованка. Неговиот гроб, заедно со блискиот Музеј на Југославија, сè уште е дестинација за голем број туристи, посетители и почитувачи од поранешните југословенски републики и од целиот свет.

Беше претседател на Владата од 29 ноември 1945 година, а по 1953 година претседател на Федералниот извршен совет и претседател на Републиката. Кога една година подоцна тие две функции беа раздвоени, тој остана претседател на Републиката до крајот на животот, а од 1974 година и претседател на Претседателството на СФРЈ.

Имаше ранг на маршал на Југославија и позиција врховен командант на Југословенската народна армија. Тој е еден од основачите на Движењето на неврзаните, каде што извесно време беше и генерален секретар.