Најмалку 500 метри ќе мора да изнесува оддалеченост меѓу училиштата и казината и обложувалниците, став е на Владата утврден на вчерашната седница. Владата, на седница, го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии.
-Со цел заштита на младата популација измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум, се вели во соопштението од Владиниот кабинет.
Исто така, меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. Се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.