Одлична реакција на возачот при опасниот пожар на неговиот двоспратен автобус

Изгоре горниот кат на автобус на ЈСП. Неисправната инсталација најверојатно е причината за пожарот во автобусот кој бил во Ѓорче Петров. Немало повредени лица. Ова го изјавија надлежните од ова градско јавно претпријатие, но целосните причини ќе се дознаат по истрагата.

– Допрва ќе следи вештачење, но претпоставуваме дека причината е во инсталацијата. Добро е што нема повредени патници, изјави Кристијан Чушков, директор на најголемиот градски превозник.

Претпоставка дека се работи за неисправната инсталација се базира и на тоа што огнот прво се појавил во горниот дел од автобусот каде има инсталациски водови.

Поголемата несреќа е избегната и благодарение на присебноста на возачот на автобусот Ивица Петрушевски. Во моментот кога избувнал огнот тој навреме ги евакуирал патниците и започнал да го гаси пожарот со противпожарни апарати кои ги има во автобусот. За кусо време пристигнала и противпожарна екипа која потоа брзо го изгаснала огнот. Меѓутоа, очигледно е дека на возилото има големи оштетувања.

Се работи за автобус со број 5 кој сообраќа на релација од Дексион кон Ново Лисиче. Вакви двокатни автобуси се набавени пред осум години од Кина и оттогаш до сега интензивно се користат за одржување на јавниот градски превоз.