Ограниченото движење на граѓаните би го искористил за темелно чистење на Скопје

Оперскиот уметник Мирослав Антовски одговара на прашањето, кои три работи би ги направил ако сега е градоначалник на Скопје.

  1. Веднаш ќе формирам екипи за чистење

Сега нема многу народ на улиците, најголем дел од времето сите се дома и тој треба да се искористи. Јас би тргнал од хигиената. Би формирал специјални екипи кои непрестано ќе бидат на терен и ќе ја констатираат моменталната ситуација за степенот на чистотата. Веднаш би се интервенирало таму каде што е потребно за да веднаш се расчисти просторот. Откако ќе се исчисти, би поставил една информативна табла каде што со наведени репери… име на улица со куќен број, од -до, околу просторот да бидат одговорни за чистотата. И не само ова туку и секој жител да мора во месецот, во еден до два термина, зависно од загаденоста, да излезе на терен и да си ја чисти околината. Така ќе се створи навика да граѓаните водат повеќе сметка за чистотата на околината каде што живеат.

2. Зачувување на Ново маало

Со цел да се збогати туристичка понуда би го заштитил просторот околу Олимпискиот Базен, кој е во централното градско подрачје. Би ја запазил таа стара архитектура со старите куќички кои би ги реновирал, а сопствениците би ги дислоцирал на начин со предходен договор со секој поединечно, а тој простор би го средил како шеталиште, со повеќе содржини, претежно со занаети кои веќе се изумреникои би биле во функција како атракција, во стилот на Старата скопска чаршија.

3. Корнење на непотребениот асфалт и садење зеленило

Приоритет ми е и озеленување на градот. Таму каде што има услови да се тргне асфалтираниот или бетониран простор, а не е во никаква комуникациска функција. Откако ќе се искорне тој асфалт или бетон, би донел земја и би садел дрвца и трева, но и големи жардињери со различни автентични за овој простор дрвца и цвеќиња… Во Скопје има многу такви безпотребно асфалтирани-бетонирани простори во централното градско подрачје. На местото каде што требаше да биде Панорамскот тркало би поставил жичарница до тврдината Кале, каде има прекрасна панорама на Скопје.