Он-лајн оценување: знаеме дека ќе препишуваат, затоа даваме кус рок за решавање тестови

Како што наближува крајот на учебната година се почести се и оценувањата на учениците. Како и наставата, и тоа сега треба да се прави далечниски, со он-лајн комуникација на наставниците и учениците кои седат дома уште од март. За држење на наставата видовме дека се одвива „на туркање“, зависно од посветеноста на наставниците, oдносно, од нивната желба и подготвеност на таков начин да им го предаваат наставниот материјал на учениците меѓу кои не сите имаат интернет, компјутери, мобилни телефони…

Но, фазата на оценувањето на учениците е се чини поделикатна. Наставниците треба реално да проценат како некој ученик ги совладал лекциите, дали научил нешто ќе му треба во следните години. Колку тоа е можно? И колку се направени критериуми и правила за ваквиот начин на оценување?

Надлежните дадоа некакви препораки како да се врши оценувањето, наведоа да се прават он-лајн тестови со по десетина задачи, прашања, да се користат други начини за да се види колкаво знаење имаат и колку се посветени учениците… Сепак, има ли услови-подготвеност таково оценување да биде објективно?

-Во сегашна ситуација нема друг начин на оценување. Знаеме дека учениците можат да се решат да препишуваат едни од други, да ги бараат одговорите во учебниците, да им помагаат родителите. Тоа настојуваме да го спречиме со давање на кусо време за одговарање на тестовите, за да немаат време да препишуваат. За оценувањето многу се раководиме и со впечатокот кој до сега одделно ни ги оставиле учениците, ни вели наставничка од едно скопско училиште.

Учениците, пак, признаваат дека на нивните групи по социјални мрежи често си разменуваат решенијата на задачите, проектите, семинарските вежби…

-Најчесто помошта се бара од оние ученици кои се најдобри во одделението. Како што послабите ученици си бараа помош да препишуваат во училниците, така е и сега, вели една деветоодделенка од Кисела Вода.

Во организацијата Младински образовен форум ни рекоа дека има потешкотии во спроведувањето и на наставата и на оценувањето.

-Сите проблеми кои се појавија од он-лајн наставата предизвикуваат стрес кај учениците, но и потешкотија за совладување на содржините. За нив е несекојдневен целиот процес и тоа дополнително ќе влијае и врз исходот од оценувањето на учениците. Тие ќе се оценуваат за материјал кој не е пренесен на начин како што вообичано би бил. Голем дел од оцените се формира и од активноста на час а сега тоа е оневозможено. Значи имаме уште една причина плус да заклучиме дека оценувањето во голема мера може да не ги отслика вистинските знаења, труд и напор кои учениците ги вложуваат во ова полугодие, ни вели Петар Баралаковски од МОФ.

Тој додава дека за оние ученици кои се во последната година во училиште од оценките им зависи уписот во нови училишта и дека оценувањето мора да биде најобјективно.

Колку во тоа на крај ќе се успее, останува да се види. Секоја година јавноста беше сведок на инфлација на „петкаши“. Заради тоа се создаваа и непријатни ситуации при уписи во средните училишта. Дали така ќе биде и годинава, односно, дали може да има уште поголема „инфлација на петки“ ќе се види веќе во јуни.