Опомена: Мора сите дебело да запнеме за да немаме дебели деца

Многу од дечињата ни се дебели. Тоа е ептен видливо, само треба да се застане на влез на некое училиште. Советите за здрава исхрана, за физичка активност, за внесување на некалорични намирници во училишните оброци… се уште не даваат задоволителни резултати. Ова го покажа и послендното истражување на Институтот за јавно здравје според кое повеќе од третина од децата на возраст од шест до осум години кои одат во второ одделение во државава имаат зголемена телесна тежина. Ова бројка е висока наназад неколку години. Така, на пример, во 2016 година 36,1 отсто од сите деца од второ одделение (на возраст од шест до осум години) имале зголемена телесна тежина или дебелина, во 2017 година – 37,4 отсто, а во 2018 година – 36,9 отсто. Во 2016 година 17,9 отсто од децата на таа возраст биле дебели, во 2017 година – 16,9 отсто, а во 2018 година – 18,6 отсто.

Интересно е дека прекумерна тежина повеќе имаат машките отколку женските деца. Лани, 40,8 отсто од учениците имале зголемена тежина а 22,2 отсто биле дебели, додека кај ученичките 33 проценти имале зголемена тежина а 14,9 отсто биле дебели.

Сето ова е загрижувачко, со оглед на тоа дека прекумерната тежина може да предизвика повеќе здравствени проблеми. Државата годинава реши да ангажира наставници по физичко воспитување и за првачињата со цел да се зголеми нивната физичка активност. Но, доколку не се случат промените и во рамките на семејствата во однос на начинот на исхраната и оваа мерка ќе остане без голем ефект. Мора сите дебело да запнeме, за да немаме дебели деца.