Опозицијата наброи што од утре ќе биде поскапо во маркетите поради Владата

Почнувајќи од утре нè очекува голем бран на поскапувања поради Владата на Република Македонија, обвини на денешната прес-конференција во Собранието Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече тој, на 11 март годинава Собранието донело Закон за ДДВ со кој се предвидува Владата да донесе одлука за колкав период и кои производи за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ.

-Ваквата одлука Владата ја донесе на 12 март со важност до 31 мај, т.е. до денес. Од утре следниве производи повторно ќе бидат оданочени со 5% ДДВ, т.е. граѓаните уште од утре ќе плаќаат за 5% повеќе. Преку ноќ ќе поскапи лебот, белиот шеќер, брашното ТИП 400, маслото од сончоглед (кое понекогаш го нема на полиците), млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски рече дека во април годинава инфлацијата е 10,5%, а потоа читаше колку ваквите производи се поскапени за една година.

-Леб и жита за 15%, месо 10,4%, млеко, сирење и јајца за 12%, шеќер, чоколада и кондиторски производи за 12,8%, итн. Како овие проценти да не се доволно високи за власта, па сега дополнително ќе сакаат да ги зголемат за 5%. Каква неодговорност кон сопствениот народ.

Во рамки на овој закон е предвидено и ДДВ за енергентите т.е. бензинот и дизел горивото да биде оданочено со 10%, но само до 31 мај. За потсетување, според Државниот завод за статистика течните горива се поскапени за 53,5% споредено со април 2021 година.

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија ќе поднесе закон со кој производите за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, бараме и ДДВ за течните горива да биде 5% до крајот на оваа година.

Домашниот буџет секојдневно обезвреднува, а владејачката каста се однесува ноншалантно. Итно донесување на овој закон ќе превенира дополнителен раст на цените на основните прехранбени продукти и токму затоа бараме колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владејачката елита, нагласи прaтеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестВо април за 1,9 проценти намален бројот на работници во индустријата
Следна вестСкопјанка добила тешки повреди откако паднала во автобус